Днеска во случајот „Плацови на Водно“ сведочеше поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Во своето сведочење тој кажа дека експремиерот Никола Груевски, обвинет во случајот барал од него да му предложи архитекти, односно проектанти за парцелите на Водно и во Крушево.
Јанакиески кажа дека фирмата „ИТК Инженеринг ДООЕЛ Скопје” каде што сопственик или управител бил Александар Ивановски – Алек Теранова е една од илјадниците со кои по јавно наддавање Министерството склучило договор.
„ Оваа парцела по ништо не се разликуваше од другите за кои требаше да се расчисти земјиштето за да се гради на него. За ова земјиште ми се јави Александар Ивановски, ме прашуваше за законските одредби, како тече јавното наддавање. Јас му објаснив дека новината е електронско јавно наддавање. И други ме прашуваа за вакви постапки. Разјаснував нејаснотии. “, кажа Јанакиески.
На прашање на обвинителката Лиле Стефанова, дали и други лица го контактирало, тој рече дека и тогашниот премиер Никола Груевски го прашувал, но не само за таа туку и за други локации.
„Многу често со тогашниот премиер Никола Груевски, за многу објекти, тој ме прашуваше за архитекти, урбанисти итн. бидејќи Министерството за транспорт и врски издаваше лиценци. Конкретно, и за оваа локација ме имаше контактирано, но и за други. Јас му предочив неколку архитекти кои може да го изработат тој проект. Што се случи понатаму, не можам да кажам”, кажа Јанакиески.
Обвинителката побара од Јанакиески да даде детали за парцелата.
“Локацијата се наоѓаше над резиденцијата над Католичката црква, таму имаше 3-4 слободни локации. Беше од 3.000 до 4.000 метри квадратни, а другите беа од 1.000 до 2.000 метри квадратни“, рече Јанакиески.
Обвинителката при крајот на испрашувањето праша и дали „бомбите“ што беа објавувани во 2015 година за земјиште на Водно може да ги поврзе со овие земјишта за кои сведочеше.
„Во 2015 г. од тоа што излезе во медиумите се присетив дека таа била локацијата што сме ја дискутирале. Но, во однос на сопственост и што се случувало, не знам, првпат слушав од медиумите и за таа формата ‘Сирах инженеринг’”, одговори Јанакиески.