На конференцијата на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ претседателот на партјата Никола Груевски му се заблагодари на својот коалициски партнер во Владата, Али Ахмети, за, како што рече, тоа што прв јавно кажал она што другите само го мислеле.
– Сакам во оваа прилика да му се заблагодарам на господинот Ахмети, затоа што тој е првиот политичар кој јавно и без влакна на јазикот ја доведе работата на СЈО со влезот на Македонија во НАТО. Односно со остварување на политичка агенда, а не агенда на владеење на правото. Кога ќе се земе предвид дека за членство во НАТО е потребно само решение за името, тогаш неговата реченица може да се преведе: СЈО нека работи додека Македонија не го смени името. Благодариме Ахмети. Навистина, свесно или не, прв јавно кажа која е целта за формирањето СЈО, и зошто некој бара продолжување на неговата работа, рече Груевски.
Груевски ја критикуваше политиката на опозициската СДСМ и нивната, како што вели „тактика“ да отворале неактуелни теми и да ангажирале луѓе за тоа.
Го спомна поранешниот разузнавач Слободан Богоевски кој изнел, како што рече, разни квалификации и навреди за неговиот вујко и прв министер за внатрешни работи на независна Македонија, Јордан Мијалков.
– Тие се занимаваат со човек кој починал пред 25 години и не може да им врати да им одговори… Идејата им е да викаат тотално безначајни фигури кај нивните експонирани новинари, да си наметнуваат теми кои тие мислат дека ќе ни наштетат, а кои пак ако се размисли подобро, немаат никаква врска со изборите и со реалните проблеми на луѓето, рече Груевски нарекувајќи ги „некролошки матачи на вода пред избори“.
Во говорот го спомна и Специјалното јавно обвинителство велејќи дека вработувало активисти на СДСМ и без основи покренувало измислени обвинувања, без вина и без правен основ и докази. Ги спомна и приврзаниците на Шарената револуција, како и новоформираните политички партии т.е. трети патишта, чија единствена употребна вредност, рече, била да направат барем мала штета на ВМРО.
Во своето обраќање лидерот на СДСМ го спомна и случајот со, како што рече, криминално полициската хајка против Диме Спасов што, според него, е пример за двојни стандарди.
– Не треба да се изненадиме ако во овој период одредени структури во полицијата креираат ваков вид или слични хајки со цел дискредитација и заплашување на водството на ВМРО. Ако имаше се уште некој што мислеше дека борбата да имаат министер за внатрешни работи пред избори е со цел да осигураат фер и демократски избори, сега веќе, после Чауш, после опколувањето на МВР со партиски алфа полицајци, всушност докажани криминалци, и после хајката врз Диме, мислам и на последниот човек во земјата се му е јасно, рече Груевски.
Поинаку ќе било, смета тој, ако ситуацијата била обратна, ако министерот за внатрешни бил од ВМРО, а за труд – од СДСМ, тогаш и амбасадорите и „НВО на еден познат филантроп“, ќе биле загрижени и ќе го осуделе настанот. Во таква ситуација, рече, најсреќен ќе бил СДСМ зашто ќе имале причина пак да не одат на избори и да најават бојкот.