Поранешниот премиер Никола Груевски ги демантира наводите дека во Будимпешта имал средби со вицепремиерот Артан Груби и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски. Посочува дека Груби последен пат го сретнал во штабот ма ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на 2017 година во придружба на Али Ахмети. За Максим Димитриевски вели дека не се сретнал никогаш и дека е „еден од неколкумина кои во изминатите денови добија од ист центар насока деновиве да измислуваат мои наводни средби“.
Груевски во својата објава на социјалните мрежи исто така демантира дека е наводно поврзан со новата партија на градоначалничката Данела Арсовска.
Информацијата за собирањето потписи за партијата на Данела Арсовска ја добив од медиумите и немам никаква комуникација, поврзаност или соработка со било кој од двајцата. Со Данела Арсовска како што еднаш објавив сум имал отприлика 6-7 службени средби во време кога таа беше претседател на ССК, а јас премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Од тогаш, ниту имам комуникација со неа, ниту било каква соработка или поврзаност со политичките активности и планови на Данела Арсовска и Драги Митковски, ниту пак тие се обиделе да побараат нешто такво, стои меѓу другото во објавата на поранешниот премиер кој доби азил во Унгарија.
Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски пред неколку дена во изјава за Канал 5 јавно го прозва Груби да каже како поминал во Будимешта и на што се должела наводната посета.
Во коментар под неговата фејсбук-објава, вицепремиерот Груби врати оти никогаш во животот не бил во Унгарија и го праша Димитриевски дали тој во Будимпешта ја договорил поддршката од ВМРО-ДПМНЕ на последните локални избори на кои, како независен кандидат, беше реизбран за градоначалник на Куманово.