Поранешниот премиер Никола Груевски го демантира поранешниот заменик-министер Зоран Димитровски, член на опозициската Демократски сојуз, кој изјави дека луѓе од СДСМ биле во Будимпешта за да остварат средба токму со поранешниот претседател на Владата.
-Дознав дека деновиве на некој медиум имало изјава од поранешен заменик министер за локална самоуправа дека луѓе од СДСМ дошле кај мене во Будимпешта и барале подршка за двотретинско мнозинство за промени на уставот, во замена за прекин на политичкиот прогон, и дека јас тоа сум го одбил. Ме известија и дека таа изјава станала вирална на социјалните мрежи. Иако ваквите лажни вести и шпекулации најчесто ги игнорирам бидејќи од различен тип ги има скоро секој ден, со оглед дека многу мои пријатели ме прашуваат дали е тоа точно, информирам дека никој од СДСМ не дошол кај мене да бара било што, објави Груевски.
Тој во својата објава жали, како што вели, што во Македонија не се случува ништо паметно, сериозно и убаво што би било тема за јавна дискусија.
-Лажните вести често поврзани и со моето име, се главно мени во јавниот дискурс и таквите стануваат вест за која со денови се дискутира, напиша Груевски.
Димитровски пред два дена во емисија изјави дека лица од СДСМ отишле да го видат Груевски, со цел да му се нуди, како што вели Димитриевски, амнестија нему и за негови блиски луѓе, во замена да се обезбедат пратеници за гласање на уставните измени.
– Груевски таквата соработка ја одбил. Без оглед какви се неговите моментни односи со лидерството на ВМРО-ДПМНЕ, тој одбил да биде дел од подземни игри за обезбедување двотретинско мнозинство за уставните измени. Ова можам да го кажам авторитетно и со информации што ги имам од теренот. Постојат фотографии од средбата со Груевски на луѓе кои што се испратени од СДСМ, рекол Димитровски.