Груевски и Јанакиески ќе се спасат од „Траекторија“, застарува случајот

од Nikola Popovski
365 прегледи

Судечкиот совет при Основниот Кривичен суд Скопје денеска ја запре кривичната постапка за случајот „Траекторија“, по предлог на Јавното обвинителство и измените на Кривичниот законик.

-Имајќи го предвид предлогот на ЈО и измените на КЗ, Судот донесе решение, се запира кривичната постапка против обвинетите Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски за „злоупотреба на службена положба и овластување“, како и обвинителниот предлог против Никола Груевски за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание, рекол претседателот на Судечкиот совет, судијата Илија Трпков.

Обвинителката Лиле Стефанова на денешното рочиште побара обвинението против Груевски да биде повлечено поради настапување на апсолутна застареност, а постапката за другите тројца обвинети да запре поради измените во КЗ.

„Траекторија“ е „најтешкиот“ предмет кој го отвори СЈО. Груевски, заедно со поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и бившиот директор на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски се обвинети дека го оштетиле буџетот за 155 милиони евра. Четворицата се гонат за финансиски проневери при изборот на фирма за изградба на автопатите Кичево – Охрид.

Груевски беше обвинет за кривичното дело „Примање награда за незаконито влијание“ (чл.359 ст.2 од КЗ) , т.е. за договарање провизии со кинеската фирма изведувач „Синохидро“. Според Кривичниот законик за ова дело предвидена е затворска казна од една до три години. Кривичното дело се случувало од ноември 2012 заклучно до 10 октомври 2013 година кога е донесена одлуката кинеската „Синохидро“ да ги гради автопатите, иако вториот понудувач дал пониска цена од 4.800.000 евра. Претставници на одбиената компанија „СВЕ“ барале прием кај тогашниот премиер Груевски, но работата веќе била средена со кинеската „Синохидро“, со договор во четири очи и надвор од Законот за јавни набавки.

Според обвинението државниот буџет е оштетен за 155.117.256 евра, а тоа е разлика меѓу цената која ја плаќаме како држава на „Синохидро“ и цената која таа ја плаќа на подизведувачите кои ги градат автопатите. Опозицијата за овој случај снимките ги објави во март 2015 година како „Чесноста на премиерот Груевски“.

 

Слични содржини