Груевски му сврте грб на барокот – се пресели во „Палома бјанка“ Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, има нови канцеларии во Трговскиот центар „Палома бјанка“, педесетина метри подалеку од раскошното седиште на опозициската партија, кое беше подигнато во негово време во барокен стил, пишува Независен.

Од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека нивниот екслидер нема канцеларија во „белиот дворец“, каде што, наводно, се појавил само еднаш во последните три ипол месеци по смената на партиското кормило, односно откако за лидер беше избран Христијан Мицкоски. Од партијата велат дека Груевски е секогаш добредојден во партиската централа и дека за него во секое време ќе се најде слободна канцеларија.
Вработени во „Палома бјанка“ ни потврдија вчера дека Груевски закупил простор во овој објект. Сепак, на влезот на канцеларијата, која е сместена на третиот кат, нема никаков натпис. Има само безбедносни камери, налепница за обезбедување и сандаче за пошта. Нашите соговорници велат дека Груевски таму доаѓал често, но не секој ден, а одвреме-навреме се појавувале и некои од неговите соработници. Но за време на нашата посета, канцеларијата беше затворена.