Најпопуларен политичар во Северна Македонија е поранешниот премиер и поранешен лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, покажа анкетата на Меѓународниот републикански институт (ИРИ). Седум проценти од анкетираните македонски граѓани го споменале Груевски на прашањето кога мислат за луѓето во политичкиот живот, кон која личност во земјава гледаат најповолно. По Груевски следат неговиот наследник на чело на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски и лидерот на најголемата албанска партија ДУИ Али Ахмети со по шест отсто, додека кон премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски најповолно гледаат 5% од анкетираните граѓани. За претседателот Стево Пендаровски и лидерот на Левица Димитар Апасиев се одлучиле три отсто од испитаниците, а една година по неговото повлекување од политиката, популарноста на поранешниот премиер Зоран Заев паднала од девет на два отсто.
Голем дел од јавноста гледа со зачуденост кон „популарноста“ на Груевски. „Ова е интересен феномен“, вели за „Локално“ поранешниот пратеник и политички аналитичар Веле Митаноски. Според него, фактот што политичар, правосилно осуден за криминал, побегнат од земјата, одеднаш се враќа на јавната сцена со највисок рејтинг е „порака кон актуелната власт, во која народот сеуште се сомнева дали навистина им избегал, без нивно знаење, или со преќутна согласност?“
-Второ, за што е осуден? Не можете вие да го судите за мерцедесот, со кој сеуште пречекувате високи гости, или самите се рашетувате со него. На тоа се чуди и светот. Последен беше германскиот претседател. Тоа остава сомнеж, или, барем, дилема. И трето, најверојатно, сите анкетирани од десниот, сега опозициски сектор, се определиле за него. Зошто, треба подлабока анализа, смета Митаноски.
Аналитичарот го објаснува и рејтингот на премиерот Ковачевски согласно анкетата на ИРИ.
-Најнапред тој е нов на политичката сцена. Досега не трчал на избори, во првите борбени линии како носител на листа. Тоа што е секојдневно присутен од позиција на премиер, е недоволно, особено што неговиот ПР тим досега направи неколку кардинални грешки, со незнаење и некомпетентност. Јас не знам кој му го води тимот, но, јасно е дека не е некој добар “спин мајстор”. Можда ги измешале лончињата со маркетингот, но тоа не е исто. Повеќе ми делува како маркетиншки трикови. Можеби се премногу, како во времето на Заев, па се прескокнуваат еден над друг, потенцира Митаноски.
Колку за споредба, тој вели дека самиот водел тим, Канцеларијата за односи со јавност, со само една асистентка и неколку надворешни соработници.
-Без денар надоместок, бидејќи во 2002 го презедов Министерството за информации и во еден период работев двосменски, во два кабинети. И тоа не во било кое време, туку во тогашната влада на Црвенкоски, наречена „Ганс енд росес“, кога, меѓу другото, водевме кампања за референдумот за територијално прераспоредување.
Третата причина за слабиот рејтинг на Ковачевски е тоа што тој се затвори во кабинетот, можеби од преголеми обврски, така што го немаше на терен. Најверојатно и тој го разбрал тоа како недостаток, па следеше онаа кампања што заврши изминатиот викенд. Анкетата е правена во септември, верувам дека, ако се спроведе сега, после трибините на СДСМ, објективно рејтингот на премиерот би бил повисок, оценува Митаноски.
Соговорникот очекува да се зголемува рејтингот на Ковачевски и Мицкоски, како ќе се наближуваат изборите.
-Дали тоа ќе биде довоно за едната или другата носечка партија и борбата за комотно мнозинство во парламентот, тоа сигурно не. Слабиот рејтинг, пред се, е последица на сиромаштијата, безперспективноста, неправедноста во општеството, криминалот, корупцијата, нееднаквоста пред законите. Тоа се гледа од крајно мизерната поддршка на клучните институции. Поголем успех тука не може да се очекува, особено не за владеачките партии, за што пак пример е порастот на рејтингот кај Левица, порачува Митаноски.
Поранешниот политичар ја анализира и ниската популарност на поранешниот премиер Заев.
-Кај Зоран Заев е јасна ситуацијата и произлегува од неговата нова позиција. Тој не е веќе човек кон кого се свртени очите на јавноста и објективите на камерите. Јас не верувам дека Заев ги тргнал рацете од одлучувањето за нештата во земјата, напротив, но тоа се работи зад сцената. Тој не ги трпи последиците од моменталното однесување на власта, но, очигледно, со себе понел голем негативен багаж, со напуштањето на функцијата. Пошироката јкавност, го знае по неговите марифетлуци во однесувањето со јавноста, по тоа да ветува, а да не исполнува, опишува соговорникот.
Според него, „Заев е човек на лесно ветени брзини“.
-Нешто како Тупуркоски на времето. Ќе дојде во Охрид, на една структура, ќе ѝ каже дека „ќе ја руши таа и таа дива градба и по цена на растурање на локалната коалиција“ ќе се врати во Скопје и гледa како да ја задржи националната коалиција. Тоа народот го следи, тоa остава недоверба, смета Митаноски и додава дека „членството на СДСМ не е запознаено за тоа, со што сега се занимава Зоран Заев и дали навистина им оставил широко самостојно поле на делување на наследниците, или е во контакт со сугестии на дневна основа“.
Н.П.