Пет месеци во Македонија ништо не се случува во делот на проекти. Новата Влада досега има само завршено некои работи кои веќе биле почнати од ВМРО-ДПМНЕ, или ги стопираат проектите на претходната влада, истакна вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на митингот во Облешево.
Тој порача дека кандидатот на партијата за градоначалник на општината Чешиново-Облешево Горанчо Зашов е човек кој нема да ги изневери жителите.
– Општината Чешиново-Облешево и Горанчо Зашов ќе овозможат граѓаните кои немаат да се стекнат со сопствен дом, да добијат земјиште со симболична цена од едно евро по метар квадратен за градба на куќа и да бидат или ослободени или со значајно намалени комуналии за таа градба. Нудиме концепт во кој нема да има неасфалтирани улици и каде ќе се обидеме да направиме парк во секое маало. Се ветува и доизградба на останатиот дел од водоводната мрежа, најави Груевски.
Со победата на ВМРО-ДПМНЕ, рече, децата од прво до петто одделение во сите општини, вклучувајќи ја и Чешиново-Облешево ќе добијат бесплатен оброк.
Потсети дека кога ВМРО-ДПМНЕ дошла на власт во Чешиново-Облешево, во општината имало вкупно 560 вработени, а кон крајот на 2016. година таа бројка била 1.570. Според него, актуелната власт наместо да работи на остварување на дадените ветувања на граѓаните им „продава ветар и магла“.