Поранешниот премиер на Македонија и бегалец од правдата Никола Груевски, пред народот тврдеше дека на суд ќе ја докажува својата невиност, за потоа да избега во Будимпешта. Сега од таму, со тешки навреди ја критикува речиси целата судска и обвинителска фела, споредувајќи ги со Талибанците од Авганистан.
Груевски на својот фејсбук профил го коментираше рочиштето за „Плацеви на Водно“, правејќи паралела помеѓу луѓето кои доаѓаат од Авганистан за да се спасат од Талибанците во земја во која има талибанско правосудство.
Сепак, за време на десетгодишното владеење на екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, барем од она што го слушнавме од прислушуваните разговори, судија или јавен обвинител тешко се избирало без негова дозвола. Наместо судиите да се бираат преку Судскиот совет, според нивните компетенции и стручност, нивните имиња се ваделе од партиските тефтерчиња.
По неговото урнисување на судството и бегството во Унгарија, земјава започна активна проверка на работата на судиите или т.н. филтрација.
Досега поради нестручно и несовесно работење разрешени се 16 судии, меѓу кои и дел од тие кои беа дел од т.н. „сваровски судство“.
Реформите во правосудниот сектор во Северна Македонија, по долги години стагнација, даваат резултати, за што говорат и извештаите на Стејт Департментот и Европската комисија.