Грујовски: Изјавите на Ѓорѓиевски дека Кисела Вода го достигнала својот „максимум и врв“ звучат само привлечно и мотивирачки, но потребно е да се постави прашањето дали навистина станува збор за реален напредок

СДСМ не дели заеднички ставови со Левица по најголем дел од прашањата како на централно така и на локално ниво, вели за „Локално“ координаторот на советничката група на СДСМ во општина Кисела Вода

од Nikola Popovski
234 прегледи

Она што можам да го нотирам во однос е дека СДСМ ќе настапи со најдобра кадровска и програмска понуда во Кисела Вода. Не би сакал да прејудицирам каква ќе биде одлуката на граѓаните на самите избори, но можам да гарантирам дека ќе се бориме доследно за поддршката на гласачите без никакви калкулации, вели во интервју за „Локално“, координаторот на советничка група на СДСМ во општина Кисела Вода, Владимир Грујовски за настапот на опозициската партија во пресрет на локалните избори наесен.

Во однос на потенцијална коалиција со Левица, советникот истакнува дека не делат заеднички ставови по најголем дел од прашањата како на централно така и на локално ниво.

-Во моментот не се преземаат никакви конкретни мерки, а дополнителните проблеми со кои се соочува општината се сообраќајната безбедност, особено во близина на училишта, функционирањето на активниот центар за зависници и неговите корисници, зголемениот број улични кучиња, како и недостиг од паркинг места. Ако некогаш од Кисела Вода до Центар се стигнуваше за 10 минути, денес истата релација трае и по 30 минути. Тоа се должи на фактот што улиците не се прошируваат во сооднос со габаритот и бројот на новоизградените објекти, вели Грујовски за проблемите во неговата општина.

Според координаторот на советничката група, изјавите на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски дека општината го достигнала својот „максимум и врв“ звучат само привлечно и мотивирачки, но потребно е да се постави прашањето дали навистина станува збор за реален напредок, или пак само за ПР популизам – убаво спакувани зборови без реална основа.

Локалните избори наесен се очекува да донесат значителни промени во скопските општини, дали СДСМ ја гледа својата шанса за ревитализација токму во оваа Скопска општина, дали најголемата опозициска партија ќе има свој кандидат за градоначалник?

-СДСМ како најголема опозициска партија во Македонија, ќе настапи со свој кандидат во сите општини ширум државата, што секако подразбира кандидати во сите Скопски општини, вклучително и во Општина Кисела Вода. Она што можам да го нотирам во однос на ова прашање, е дека СДСМ ќе настапи со најдобра кадровска и програмска понуда во Кисела Вода. Не би сакал да прејудицирам каква ќе биде одлуката на граѓаните на самите избори, но можам да гарантирам дека ќе се бориме доследно за поддршката на гласачите без никакви калкулации.

Дали постои реална можност во оваа Скопска општина за опозициска соработка. Од Левица нагласија дека СДСМ е пасокизирана, и не гледаат никаква опозициска соработка со вас?

-Во овој момент, сè уште ги разгледуваме сите варијанти на изборен настап и во периодот што следи СДСМ ќе излезе со јавен став по ова прашање. СДСМ е пред сè партија со најголем коалициски капацитет. Во однос на потенцијална коалиција со Левица, можам да истакнам дека иако двете партии се од опозицискиот блок, не делиме заеднички ставови по најголем дел од прашањата како на централно така и на локално ниво. Не сум сигурен дека таквата ситуација драматично ќе се промени до локалните избори.

Кисела Вода е една од најголемите општини во Скопје, а тоа само по себе носи одредени последици како што е огромниот метеж, лошата патна инфраструктура, во самиот влез на општината се следат коли паркирани на тротоарите, многу неорганизирани едносмерни улици, дали нешто се презема во однос на овие проблеми и дали можете да надополните други проблеми кои се изолираат во општината?

-Во моментот не се преземаат никакви конкретни мерки, а дополнителните проблеми со кои се соочува општината се сообраќајната безбедност, особено во близина на училишта, функционирањето на активниот центар за зависници и неговите корисници, зголемениот број улични кучиња, како и недостиг од паркинг места.

Ако некогаш од Кисела Вода до Центар се стигнуваше за 10 минути, денес истата релација трае и по 30 минути. Тоа се должи на фактот што улиците не се прошируваат во сооднос со габаритот и бројот на новоизградените објекти.

Непланското градење, без соодветна инфраструктура, сериозно придонесува кон сообраќајниот метеж. При издавање на одобренија за градба, еден од основните услови треба да биде обезбедување на доволен број паркинг места, далеку над минималните предвидени со актуелниот правилник.

Дополнително, пред да се одобри план за градба, неопходно е да постои и план за уредување на сообраќајниците околу објектот, со цел да се одговори на реалните потреби за движење на возила, регулирање на сообраќајот и обезбедување паркинг простор.

Дополнителен проблем е што заедно со градежниот бум не се реконструираше постоечката инфраструктура — водоводот, атмосферската и фекалната канализација. Овие системи се изградени за потребите на многу помал број жители, што претставува ризик за посериозни проблеми во иднина. Таков проблем веќе постои во населбата Расадник, каде што при најмал дожд, улиците меѓу зградите се поплавуваат. Дополнително сака да укажам на ризиците од неконтролираното градење. Па само замислете колку сме безбедни ако мора итно да дојде пожарна или Брза помош, прво ќе мора да доаѓа пајак да го расчисти приодот од непрописно паркирани коли и блокирани тротоари. Сето ова некој го одобрува или се прави дека не го гледа.

Општина Кисела Вода

Градоначалникот постојано се фали дека општината ја довел до својот максимум и врв, дали тоа се само празни ПР популизми или општината го достигнала својот зенит?

-Изјавите на градоначалникот дека општината го достигнала својот „максимум и врв“ звучат само привлечно и мотивирачки, но потребно е да се постави прашањето дали навистина станува збор за реален напредок, или пак само за ПР популизам – убаво спакувани зборови без реална основа. Поред поголемиот дел на прашања што треба да се постават за да се утврди дали ваквите изјави се точни, едно од клучните прашања е и тоа какво е мислењето на оние граѓани којшто го дале својот глас за опозицијата.

Лично никогаш не сум се согласувал со фразите дека еден општествен процес каков што е и овој, раководење на локална самоуправа – општина, како дел од општествениот и државен систем може да го достигне својот максимум, врв или што би рекле вие зенит. Ваквиот застарен модел на ПР, и популистички мерки мора а ги надминеме и да престанат. Оваа ПР стратегија отповеќе води кон поткопување на системот и државата, зголемување на јазот меѓу позицијата и опозициијата, но и навреда на интелигенцјата на електоратот.

Какви програми СДСМ ќе понуди на граѓаните на Кисела Вода, на што ќе се даде главен фокус за локалните избори?

-Во овој момент во СДСМ се креираат програмите за претстојните локални избори. Програмите варираат зависно од структурата и потребите на граѓаните на различни општини, но особено во урбаните општини сме обединети околу неколку централни постулати кој подразбираат предвидување на унифицирани политики во општините. Прашањата на јавната чистота, нефункционирањето на јавните сервиси, образованието и урбанизмот се секако теми на кој СДСМ ќе понуди опсежни и сериозни програмски мерки.

Како ја оценувате динамиката на работа со спортскиот комплекс Расадник?

-Салата Расадник е симбол на Кисела Вода, и очекувањата за нејзина реконструкција се високи. Сепак, динамиката на изведбата е разочарувачка. Иако објектот ѝ е доделен на општината со отпишани долгови, наследени од јавно-приватното партнерство меѓу државата и фирма поврзана со актуелната градоначалничка на Скопје, реконструкцијата вредна 120 милиони денари, најавена од Министерството за спорт, речиси и да не мрднува.

Според договорот, рокот за изведба е 15 месеци. Но, досега по речиси 5 месеци е завршена само почетната фаза, рушење. Со ова темпо, оправдан е сомнежот како ќе се реализира целиот проект во преостанатите 10 месеци од договорот за реконструкција, или ДПМНЕ повторно ќе изненади со анекс како и секогаш.

Хаосот околу објектот дополнително го нарушува секојдневието на граѓаните. Дел од паркинг-местата во Расадник се постојано блокирани со градежен шут. Жителите од овој дел на Кисела Вода, ни се обратија со замолница да поставиме советничко прашање, за кое веќе очекуваме писмен одговор од надлежните во општината. До сега одговор нема.

Ниту ние како советници, а верувам ниту жителите на Кисела Вода, не сме задоволни, ниту од динамиката на реконструкцијата на салта Расадник, ниту пак од начинот на организација на градилиштето.

Д.Ѓ.

Слични содржини