За вчерашната полициска акција на МВР во вечерните часови, министерот Панче Тошковски информираше дека Одделот за сузбивање на организиран криминал и Специјалната полиција по повеќемесечно истражување, спровеле акција во која е сузбиена 18-члена криминална група, составена од лица од Скопје кои подолг временски период биле инволвирани во вршење на кривични дела од областа на насилен криминал и трговија со оружје.
Во рацијата се извршени претреси кај 26 лица на вкупно 30 локации, од кои 28 на подрачје на Скопје и две на подрачје на Велес. Досега е пронајдено огнено оружје, друга опрема, панцири и над 30 милиони денари во различни апоени кај осомничените. Одземени се и пет оклопни возила, накит, мобилни телефони, часовници, ресивери…
-Поднесена е кривична пријава против 18 лица од Скопје за убиство и обид за убиство кои се извршени во последните години, меѓу кои и убиството во Шиша бар кое предизвика голема вознемиреност кај македонската јавност. Има и кривична пријава за изнуда и злосторничко здружување. Дел од пријавените во 2020 година создала група која имала за цел вршење на кривични дела убиства. Подготвувале планови и носеле одлуки за тоа кои, кога, каде и на каков начин ќе биде лишен од живот ,а одлуките ги спроведувале лично или преку припадници на криминалната група кои ги прифаќале и спроведувале. Договорите биле пренесувани во непосредни контакти или преку телефон, кажа Тошковски на прес-конференција.
Споменатото двојно убиство се случи на 6 март 2023 година, а напаѓачите влегле во Шиша бар во Старата скопска чаршија и биле облечени во црна облека налик на униформа по што повикале дека станува збор за полициска рација. Кога ги нашле „таргетите” почнале да пукаат во нив и избегале. На лице место се убиени Јетон Кривањева викан Жила и Енес Исени.