Групацијата „Лимак“ ги поддржува жените во стем-областите преку иницијативата Global Engineer Girls во С.Македонија

од Vladimir Zorba
274 прегледи

Групацијата Лимак, заедно со стратешките партнери – Министерството за образование и наука и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), обезбеди стипендии за 20 студентки кои студираат на инженерските факултети, преку иницијативата Global Engineer Girls (GEG). Овие студентки се запишани на електротехничките, машинските, градежните и факултетите за информатички технологии на државните универзитети од целата земја.

Главна цел на иницијативата Global Engineer Girls (GEG) е да обезбеди поддршка за девојките и младите жени и да го зголеми нивното учество во СТЕМ-областите, каде што историски доминираат мажите. Преку своите активности Global Engineer Girls (GEG) има за цел да го намали родовиот јаз во СТЕМ-областите во Северна Македонија и да ја зголеми родовата еднаквост во општеството. Оваа иницијатива се стреми да ги поттикне компаниите да заземат проактивен пристап кон справувањето со родовиот јаз во нивниот домен на работа и во нивните организациски структури.

Од 169 студентки по инженерство кои се пријавија за програмата за време на тринеделниот период за пријавување, кој почна на 19 декември 2022, успешните кандидатки беа избрани врз основа на нивните академски достигнувања и вклученоста во дополнителни активности. Избраните студентки стипендиите ќе ги користат како поддршка за време на студирањето.

Покрај стипендии, иницијативата Global Engineer Girls (GEG) обезбедува и опсежна програма за менторство, како и обуки за развој на вештини и можности за практикантска работа. Сите учеснички ќе имаат свои ментори – искусни професионалци, кои ќе им помагаат на младите жени-инженери кои често се соочуваат со потреба за промена на состојбите и со родови предрасуди, да ги следат и остварат своите амбиции. Првите обуки ќе започнат во мај и ќе вклучуваат различни работилници за стекнување меки вештини, кои ќе ги унапредат вештините на учесничките за комуникација, тимска работа, градење релации, решавање проблеми и нивните лидерски способности. Во текот на летниот период, учесничките ќе имаат можност да стекнат поголемо знаење од областа на зелената енергија и градежништвото, истовремено добивајќи и практично инженерско знаење преку пракса по нивен избор. Ова ќе биде можност за учење преку искуство што на девојките ќе им обезбеди непроценлива шанса да ја подобрат својата конкурентност на пазарот на труд и да изградат клучни професионални релации.

„Со задоволство ѝ посакуваме добредојде на првата група учеснички во Global Engineer Girls North Macedonia. По големиот успех на проектот во Турција и во Кувајт, со проширувањето на иницијативата во две нови земји: Северна Македонија и Косово, се истакнува нејзината меѓународна перспектива. Реализацијата на иницијативата GEG во Северна Македонија е значајно, затоа што отвора нови можности жените и девојките да развиваат кариери во СТЕМ-областите и дава поширок придонес кон заложбата за родова еднаквост“, изјави Ебру Оздемир, претседателка на Групацијата Лимак и основачка на Global Engineer Girls.

УНДП е партнер на иницијативата GEG North Macedonia и активно е вклучена во активности за родова еднаквост преку својата канцеларија во земјава.

„Економското зајакнување на жените и девојките е една од стратешките цели во работата на Програмата за развој на Обединетите нации. Во тој правец, УНДП веќе долги години работи со Министерството за образование и наука и приватниот сектор во реализација на неколку програми со цел обезбедување квалификувана работна сила, како и преквалификација и доквалификација на невработените лица, особено на младите. Ова партнерство со МОН, GEG иницијативата и Групацијата Лимак е од особено значење, преку кое ќе се поддржат студентки запишани на СТЕМ факултетите, како нова движечка сила на пазарот на трудот. Драго ни е што ќе имаме можност да понудиме бесплатни обуки во Центарот СкиллсНекст во Тетово преку кои девојките ќе добијат дополнителни вештини за поефикасно вклучување на пазарот на трудот“, истакна Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП во државата.

Министерството за образование и наука е стратешки партнер на иницијативата со намера да се намали родовиот јаз, кој земјава годишно ја чини 16 % од БДП.

„Како држава можеме да бидеме горди што има повеќе девојки и жени од Република Северна Македонија со успешна СТЕМ кариера, и тие се инспиративни модели за младите да се посветат на учење, наука и истражувања. Впрочем, последниот извештај на УНЕСКО покажува дека нашата држава е лидер во Европа според бројот на жени истражувачи“, истакна министерот Шаќири, додавајќи дека Владата и Министерство за образование и наука со конкретни политики, мерки и инвестиции стимулираат што повеќе девојки и жени да ги одберат СТЕМ областите.

Global Engineer Girls е меѓународна филантропска иницијатива која започна да се реализира во 2015 година во Турција. Поттикната од организациската култура на Групацијата Лимак и личните заложби на претседателката на групацијата Ебру Оздемир за зголемување на застапеноста на жените во СТЕМ-областите, GEG има за цел да ги инспирира следните генерации жени-инженери.

Слични содржини