Фудбалерите на Чешка и Грузија ремизираа 1:1 во натпреварот од второто коло од групата Ф на Европското фудбалско првенство.
Чесите влегоа порешително во мечот. Одлучија да ја преземат топката и иницијативата, додека Грузијците се ограничија на контранапади и евентуални грешки на фаворизираните Чеси.
Чешка изврши добар притисок врз противникот и постигна гол во 23. минута, но поради играњето со рака на Хложек оправдано беше поништен.
Чесите продолжија да напаѓаат до крајот на полувремето, но потоа стигна и студен туш. Уфрли Кварацхелија од слободен удар, Холеш се лизна и се создаде зицер пред капитенот Кашија, но Станек брилијантно го одбрани неговиот удар. Од таа акција стигна реакција од ВАР просторијата бидејќи Хранац играше со рака, а Микаутадзе беше сигурен од белата точка за водство на Грузија.
Во вториот дел гледавме реприза од почетокот на натпреварот. Чесите напаѓаа, создадоа 4 одлични шанси, но топката не заврши во мрежата. Тоа не беше случај во 59. минута, кога Чешка на крајот постигна гол по корнер. Цојфал нафрли од десната страна, а Шик од еден метар ја заби топката во голот.
Чешките репрезентативци продолжија да напаѓаат, во 77. минута резервистот Читил, играчот кој го замени Шик, шутираше со глава веднаш покрај стативата.
До крајот на натпреварот Чешка изврши опсада кон голот на Грузија, но до крајот не успеа да постигне гол, па остана изедначено 1:1, што е резултат кој не ѝ одговара на ниту една екипа, бидејќи сега и двете имаат по бод, а Турција и Португалија по три.