Грузија забрани покривање на лицето и огномет на протестите

од Nikola Popovski
28 прегледи

Грузискиот парламент денеска усвои закон со кој на демонстрантите им се забранува да го покриваат лицето и да користат огномети и ласери за време на протестите.

Законот, со кој се изрекува казна од 2.000 лари (685 евра) за прекршителите, беше усвоен едногласно, објави новинската агенција Интерпрес.

Пратениците одобрија и зголемување на казните за уништување згради и блокирање сообраќај, а казната за блокирање патишта може да биде и до 5.135 евра, пишува Ројтерс.

Повеќе од 400 луѓе беа уапсени од почетокот на демонстрациите кон крајот на ноември, откако владата објави дека ќе го одложи обидот на оваа јужнокавкаска земја да се приклучи на Европската унија.

Многу демонстранти носат гас-маски и импровизирани маски за да не бидат идентификувани, а полицијата во главниот град Тбилиси употреби водени топови и солзавец против нив.

Групите за човекови права предупредуваат и на напади од групи маскирани лица во црно врз опозициски политичари, активисти и некои новинари,.

Грузискиот парламент утре ќе избере претседател кој ќе го замени Саломе Зурабишвили, проевропски критичар на владејачката партија, а единствен кандидат е Михаил Кавелашвили, поранешен член на владејачката партија со антизападни ставови.

Слични содржини