ГТЦ нема да добие барокна фасада, но ќе има нови лифтови и покрив

од desk2
103 прегледи

ГТЦ нема да добие барокна фасада, но ќе се прават повеќе градежни зафати за да овој најстар трговски центар во градот добие лик на модерен и атрактивен шопинг центар. Ова го најави генералниот директор на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, кој во директорското столче седна во август годинава.

– ГТЦ го затекнав во катастрофална состојба. За овие неколку месеци презедов неколку проекти со цел да се подобри состојбата. Ги ставивме во функција сите неисправни лифтови, а има и проект за реновирање на јавните тоалети. Остваривме соработка со дуќанџиите и стопанствениците кои имаат локали во ГТЦ и договоривме да се отворат нови девет дуќани кои стоеја заклучени – вели Трајчевски.

Тој напомена дека за наредната година планираат реновирање на елеваторите и на фасадата на ГТЦ, отворање на атрактивна игротека за најмладите, како и поправка на покривот на трговскиот центар.

– Сакаме да ја вратиме автобуската постојка на 50 и 57 во подрумските простории со цел да го заживееме долниот дел на трговскиот. Во преговори сме со Јавното сообраќајно претпријатие на овие линии да пуштат едноподни автобуси бидејќи двокатните не можат да поминуваат под ГТЦ – истакна Трајчевски.

Во насока на враќање на атрактивноста на ГТЦ како во минатото, Трајчевски најави одржување на тридневен музички хепениг под наслов “Размрдај го ГТЦ” ќе се одржи на 28, 28 и 30 декември, на кој ќе настапат музички уметници, како и млади бендови и диџеи. Посебен дел во секој од овие денови ќе биде посветен и на најмладите за кои е подготвена специјална детска програма, со задолжителните дедомразовци и многу други изненадувања.

– Настанот ќе биде спој на хуманост и забава. Настапи ќе имаат деца и лица со попреченост со цел да покажеме дека и ние атипичните можеме како другите. Ќе има касички за донации, а собраните средства ќе им бидат исплатени на оние на кои им се најпотребни – рече Суаред Алишан од НВО “Детски свет – нов почеток”.

Настанот ќе се одржи на две сцени (по една на двата главни влеза). Главната бина ќе биде на влезот од кај плоштадот “Македонија”, додека на влезот од кај Соравија ќе биде поставена диџеј сцената.