Гуаидо е подготвен и чека американска воена интервенција

од Vladimir Zorba
121 прегледи

Венецуелскиот лидер на опозицијата, Хуан Гуaидо, рече дека е подготвен да ја прифати американската воена интервенција за да помогне во справувањето со политичката вонредна состојба во неговата земја, објави „Ројтерс“.

„Ако Американците предложат воена интервенција, најверојатно ќе ја прифатам“, прокоментира тој за италијанскиот весник „Ла Стампа“.

Двајца венецуелски пратеници побараа азил во странски амбасади во Каракас во четвртокот, бидејќи владата на претседателот Никола Мадуро се зафати со сојузниците на Гуаидо, кои ги поддржаа неговите обиди за воен удар минатата недела.

Државниот секретар на САД, Мајкл Помпео повика на итно ослободување на уапсениот прв заменик-претседател на венецуелскиот парламент, Едгар Замбрано.

„Апсењето на Замбрано е неприфатлива и нелегална акција, што е уште еден пример за репресија од страна на режимот на Мадуро“, прокоментира тој.

Според него, „тој мора веднаш да се ослободи“.

Претходно парламентот на Венецуела, контролиран од противници на претседателот Мадуро, објави за апсењето на Замбрано.

Лидерот на венецуелската опозиција Хуан Гуаидо сподели за можно киднапирање на заменик-претседателот од специјалните служби на земјата.

Во вторникот, Уставниот суд на републиката одлучи да го одземе имунитетот на седум опозициски пратеници од Народното собрание на Венецуела.

Претходно Врховниот суд на земјата реши да бидат обвинети за „предавство, криминален заговор, бунт, узурпација на власт, повик за државен удар, непочитување на законите и поттикнување на омраза“, за учество во антивладините протести на 30 април.