Ѓурчиновски: Од утре Армијата во обезбедување на сите државни граници

од Берта Китинска
298 прегледи

Почнувајќи од утре ќе биде забележано значително присуство на Армијата, комбинирано во заеднички патроли и активности, за обезбедување на сите државни граници на нашата татковина. Ќе имате можност да забележите наше учество и присуство во комбинирани заеднички патроли со полицијата и органите во земјата, изјави денеска началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски на прес-конференција пред Генералштабот на Армијата.

Тој појасни дека покрај зајакнувањето и поддршката на граничната полиција на сите граници, дел од армискиот состав ќе се вклучи во комбинирани заеднички патроли со полициските службеници во обезбедување на одредени витални државни објекти, како и влезни и излезни комуникации, но во координации со Владата и во дополнителни ангажмани.

Проценките на Генералштабот, наведе Ѓурчиновски, се дека нема потреба во моментов за каква било мобилизација на резервниот состав на Армијата.

– Имаме доволни капацитети човечки и технички, искуство, знаење, имаме соодветни мерки. Единството, диспилината на сите нас исклучиво се суштински со цел успешно справување со кризата, доследно почитување на мерките од надлежните институции, порача тој.

Во името на сите припадници на Армијата, Ѓурчиновски на сите граѓани им го честиташе полноправно членство во НАТО.

Генералот додаде оти од пред два дена по прогласувањето на вонредната состоба во нашата земја, Армијата спроведува и извршува дополнително значителни обврски и задолженија, а веќе реализираат заеднички активности во поддршка на МВР.

Слични содржини