Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој е во неколкудневната официјална посета на Кралството Белгија, денеска во Врховната команда на НАТО (SHAPE) во Монс, оствари состанок со генерал Генерал Маркус Кнеип, началникот на штаб на оваа највисока команда на НАТО, соопшти Генералштабот на Армијата.
На состанокот, стои во соопштението, помеѓу генералите Кнеип и Ѓурчиновски е разговарано за тековните и претстојни активности на Армијата на Република Северна Македонија кои се спроведуваат во процесот на потполно интегрирање на нашата Армија во структурите на НАТО.
Помеѓу останатото, на работен состанок со дел од клучниот персонал на Врховната команда се дискутирани теми од интерес во насока на планирање на нашиот ангажман во заеднички активности што ќе произлегуваат по ратификација на нашето членство во НАТО.
Во рамки на посетата, во текот на вчерашниот ден началникот на генералштабот во Брисел учествуваше на состанокот на највисокото воено тело на Европската Унија – Воениот комитет на ЕУ на ниво на началници на генералштабови, на која се разгледуваа теми поврзани со обуката и активностите во мировните операции предводени од ЕУ, како дел од мисијата на Воениот комитет.
Генералот Ѓурчиновски претходно оствари средба и со претседавачот на Воениот комитет на НАТО, воздухопловниот маршал, Стјуарт Пич, на која се разговарало за теми поврзани со пристапувачкиот процес во НАТО.