Поради густа магла попладнево и вечерва нема слетувања на Меѓународниот аеродром Скопје. Дел од летовите се откажани или пренасочени.
Авионите на „Визер“ од Меминген и Баден Баден беа пренасочени и првиот слета во Приштина, а вториот во Софија. Авионот на „Лот“ од Варшава, пак, се врати назад кон Полска. Според последните информации од веб страницата на Скопскиот аеродром вечерва, откажан е летот од Истанбул, додека летот од Цирих е пренасочен.
Откажан е и летот за Малме.
Поради значително големо количество на магла и загаден воздух, Скопје вечерва повторно е меѓу најзагадените градови во свет, а прв во Европа. Ова го покажуваат податоците на платформата за следње на воздухот „IQAir“. Вредноста на индексот на загадување се оценува како нездрав, а препораките се да не се спортува надвор, да се носи маска, а во затворениот простор да работат прочистувачите на воздух.
Најзагадени градови во светот се Калкута, Лахоре, Делхи, Мумбаи, Ташкент. Од другите градови во Европа, Сараево е 14-ти во светот по загаденост на воздухот, веднаш после Скопје.