Гутереш бара да се сопрат војните низ светот поради коронавирусот

од Vladimir Zorba
182 прегледи

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, денес повика на итен прекин на војните насекаде низ светот со цел да се сочуваат најранливите цивили во земјите во кои владеат конфликти, против „жестоката“ пандемија на коронавирусот.

„Жестината со која напаѓа вирусот добро покажува дека војувањето е лудо“, рече Гутереш во краткото обраќање од седиштето на ОН, без да се наведе ниту една земја.

Првиот случај на заразен со коронавирус е пријавен во Сирија, земја уништена од 10-годишната војна, а пријавени случаи има и во Демократска Република Конго и Авганистан.

Експертите и дипломатите стравуваат дека вирусот ќе одземе многу животи во спротивставените земји, претежно сиромашни и со послаби здравствени системи отколку на друго место.

„Дојде време да ги оставиме вооружените конфликти настрана и да ги насочиме нашите напори на вистинската борба за нашите животи. Спуштете го оружјето, прекинете ги воздушните напади“, побара Гутереш, велејќи дека е клучно да се воспостават хуманитарни коридори што ќе спасат животи .

Тој ги повика земјите да ги прекинат војните „и да се борат со болеста која го уништува сегашниот свет“, потенцирајќи дека ова треба да започне со крајот на вооружените борби „насекаде и веднаш“.

Гутереш минатата недела апелираше на солидарност со најсиромашните и најранливите земји за да се спречат „милиони“ смртни случаи.

ОН во средата објави дека ќе објави план за светски хуманитарен одговор на пандемијата на коронавирусот со создавање фонд посветен на меѓународната борба против КОВИД-19.