Светските влади треба да размислат за „солидарно“ оданочување на лица кои се збогатија за време на пандемијата на коронавирус со цел да се намали екстремната нееднаквост во светот, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
„Ние мора да се осигураме дека парите се насочени таму каде што се најпотребни. Најновите откритија ни сигнализираат дека богатството на најбогатите луѓе во светот е зголемено за 5 илјади милијарди долари во изминатата година“, рече Гутереш на сесијата на ОН за развој на финансирање.
Тој повтори дека групата 20 најбогати земји во светот треба да го продолжи мораториумот за сервисирање на долгови до 2022 година и да го прошири со цел да им помогне и на земјите во развој и на оние со средно развиена економија да се опорават од пандемијата, пренесе „Хина“.
„Не смееме да бидеме задоволни со олеснување на отплатата на долгот, но мора итно да ја зајакнеме архитектурата на меѓународното задолжување со цел да ги запреме смртоносните циклуси на должнички обврски, глобалната должничка криза и изгубените децении“, нагласи генералниот секретар на ОН.
Тој повторно апелираше вакцините против Ковид-19 да бидат достапни за сите земји и да се обезбедат дополнителни пари за финансирање на фондот за дистрибуција на вакцините Ковакс.
„Инсистирањето на еднаквост во глобалниот одговор на пандемијата и закрепнувањето е тест за мултилатерализам, на кој во моментов немаме преодна оценка. Само 10 земји во светот имаат околу 75% вакцини“, истакна првиот човек на ОН.