Гутереш: Напредокот постигнат во однос на правата на жените полека исчезнува ширум светот

од Stefanija Kuzmanovska

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш изјави дека напредокот во поглед на правата на жените полека исчезнува низ светот и дека проценките покажуваат дека ќе бидат потребни уште 300 години за да се постигне целосна родова еднаквост.

Во авторски текст по повод Меѓународниот ден на жената, 8 март, Гутереш изјави дека во светлината на глобалните предизвици за демократијата, правата на жените над нивните тела и правото да донесуваат независни одлуки за сопствениот живот се доведуваат во прашање и негираат.

„Две статистики многу илустративно го опишуваат нашиот неуспех. На секои 10 минути, жена или девојка е убиена од член на семејството или интимен партнер. На секои две минути по една жена умира за време на бременост или породување. Повеќето такви смртни случаи можат во целост да бидат спречени“, рече Гутереш.

Тој посочи дека е неопходно да се сменат овие „страшни трендови“ и да се застане во одбрана на животите и правата на жените и девојките, насекаде.

Додаде дека оваа година Меѓународниот ден на жената е фокусиран на затворање на родовиот јаз во науката, технологијата и иновациите.

Слични содржини