Гутереш: Советот за безбедност на ОН не успеа да одговори на војните во Украина и Газа

од Stefanija Kuzmanovska
271 прегледи

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денеска изјави дека Советот за безбедност на ОН не успеал соодветно да одговори на конфликтот меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас и војната во Украина, оценувајќи дека тие два конфликти „можеби фатално“ го поткопале авторитетот на Советот за безбедност.

„Недостигот на единство во Советот во врска со рускиот напад врз Украина и израелските воени операции во Газа по ужасните терористички напади на Хамас на 7 октомври сериозно, можеби фатално, го поткопа нашиот авторитет“, истакна Гутереш за време на неговото обраќање пред Советот во Женева.

Тој додаде дека Советот за безбедност на Обединетите нации често се наоѓа во ќорсокак и не е способен адекватно да дејствува по најважните прашања за мирот и безбедноста, објави „Ројтерс“.

„Потребна е сериозна реформа на неговиот состав и методи на работа“, рече Гутереш.

Минатата недела, САД по трет пат ставија вето на нацрт-резолуцијата во Советот за безбедност на ОН со која се бара итен хуманитарен прекин на огнот во Појасот Газа.

Се проценува дека околу 1,5 милиони жители на Газа се наоѓаат во засолништа во градот Рафа на границата со Египет, од кои повеќето побегнале од северот на енклавата за да ги избегнат нападите на израелската армија. Гутереш го опиша Рафа како главна точка каде што се обезбедува помош за цивилите во Појасот Газа, додавајќи дека евентуален напад на израелската армија врз градот ќе има катастрофални последици.

„Сеопфатната израелска офанзива на градот не само што би била катастрофална за повеќе од милион палестински цивили кои се засолниле таму, туку и последна шајка во ковчегот за нашите програми за помош“, тврди Гутереш.

Слични содржини