Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, денеска истакна дека проширените воени операции на Израел во градот Газа ќе имаат „разорни последици“.
Тој од Њујорк порача дека изгладнувањето на цивили никогаш не смее да се користи како метод на војување, истакнувајќи дека гладот во Појасот Газа е резултат на „нечовечни“ и „намерни“ постапки на Израел.
„Цивилите мора да бидат заштитени. Хуманитарниот пристап мора да биде непречен. Без понатамошни изговори. Доста беа оправдувања. Доста беа пречки и лаги“, рече Гутереш.
Генералниот секретар на ОН напомена дека хуманитарните напори предводени од ОН во палестинската енклава се „блокирани, одложувани и ускратени“, а дека Израел, како окупаторска сила, има обврска да ги заштити цивилите и да обезбеди хуманитарна помош.
Тој исто така го осуди неодамнешниот напад на болницата Насер, во Кан Јунис, во кој загинаа шест новинари и уште 20 луѓе.
Гутереш, исто така, го повтори повикот за постигнување итен и траен мир во Газа, додавајќи дека израелската окупација на Западниот брег и Источен Ерусалим го крши меѓународното право.