
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш жали за недостигот на подготвеност на светските сили и поделената меѓународна заедница за борба против коронавирусот, а особено за несоодветната поддршка за сиромашните земји, пренесува Ројтерс.
Новиот коронавирус инфицираше најмалку 3,2 милиони луѓе ширум светот, со повеќе од 227.000 луѓе загинати, пренесува Ал Џезира Балкан.
Одговарајќи на прашања за глобалното лидерство, Гутереш на прес-конференција во Њујорк рече дека меѓународната заедница е поделена „повеќе од кога и да е, и важно е да се обедини“.
– Постои неповрзаност помеѓу лидерството и моќта. Ние гледаме примери на лидерство, но тие обично не се поврзани со моќта. И, кога гледаме моќ, понекогаш нема неопходно лидерство“, рече Гутереш.
Тој изрази надеж дека тоа ќе се надмине наскоро.
Петнаесетчлениот Совет за безбедност на ООН мина повеќе од еден месец обидувајќи се да донесе резолуција со која ќе се потенцира итна потреба за посилна соработка меѓу земјите во борбата против епидемијата.
Точката на несогласување, велат дипломатите, беше како резолуцијата да се однесува на Светската здравствена организација (СЗО), која САД сопре да ја финансира, незадоволни од однесувањето за време на пандемијата и ја нарече „киноцентрична“ (свртена кон Кина).
– Постојат две апсолутно клучни земји. Придонесот на Кина и на САД во борбата против Ковид-19 и сите други аспекти на развојот на меѓународните односи е важен, и тој е клучен. Се надевам дека ќе биде можно во иднина – рече Гутереш.