Гвардиола блиску до продолжување на договорот со Манчестер Сити

од Vladimir Zorba
9 прегледи

Последниве денови се зголемува веројатноста Пеп Гвардиола да го продолжи договорот со Манчестер Сити, тврди еден од најпрепознатливите новинари на авторитетното издание „Атлетик“ – Дејвид Орнштајн.

Каталонецот моментално е под договор само до крајот на актуелната кампања, а шпекулациите за неговата иднина се вртат низ медиумите на Островот со месеци.
Тој веќе неколку пати изјави дека се уште не донел конечна одлука, а традицијата налага тоа да се случи неколку недели пред да влезе во последните шест месеци од договорот.

За споредба, последниот договор меѓу Гвардиола и Манчестер Сити беше потпишан во ноември 2022 година.

Последните денови темата повторно стана исклучително актуелна поради официјалната потврда за заминувањето на Чики Бегиристајн, кој беше основата на привлекувањето на тренерот на „Етихад“, со кој претходно плодно работеа во Барселона.

Сепак, „Атлетик“ верува дека е се поверојатно Гвардиола да се согласи да го продолжи договорот за уште една година и евентуално да си замине во летото 2026 година непосредно пред Светското првенство во САД, Канада и Мексико. На овој начин, менаџерот ќе ја демонстрира својата лојалност кон „граѓаните“ уште пред објавувањето на конечната пресуда за моментално актуелниот случај против шампионот на Англија по фамозните 115 обвиненија поврзани со финансиски неправилности и прикривање податоци во обид да ги заобиколат и избегнуваат правилата на Премиер лигата.

Манчестер Сити добро ја започна сезоната и по осум кола е на второто место во првенствената табела со само бод помалку од Ливерпул. Во последните пет сезони освоија четири титули под водство на Гвардиола.

Слични содржини