Гвардиола го спореди Халанд со Кројф и Ибрахимовиќ

од Stefanija Kuzmanovska

Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, го спореди својот фудбалер Ерлинг Халанд со легендарниот Јохан Кројф, откако Норвежанецот постигна акробатски гол на дуелот против поранешниот клуб Борусија Дортмунд во Лигата на шампионите.

Сити синоќа по пресврт ја победи Борусија Дортмунд со 2:1 на домашен терен. Германскиот тим поведе со голот на Џуд Белингем во 56. минута, израмни Џон Стоунс во 80-та минута, а Халанд во 84-та минута постигна гол за победа. По асистенција на Жоао Консал, тој ја крена ногата високо, ја фати топката во лет и ја испрати преку гостинскиот голман во мрежата.

Тој гол го потсети Гвардиола на голот на Јохан Кројф против Атлетико Мадрид во 1973 година, кој е еден од најпознатите голови на легендарниот Холанѓанец.

„Луѓето кои ме познаваат можеби знаат колкаво влијание има Јохан Кројф врз мојот живот како личност, ментор и тренер. Пред многу години тој постигна неверојатен гол против Атлетико Мадрид на Камп Ноу. Сличен е и овој гол на Халанд, а кога го постигна помислив: Јохан Кројф. Беше доста слично“, изјави Гвардиола, пренесе „Скај“.

Халанд летово од Дортмунд се пресели во Сити, за кој на девет натпревари постигна 13 гола.

„Голот беше навистина добар, а асистенцијата на Жоао беше исклучителна“, додаде шпанскиот тренер, пренесува „Бета“.

Тој рече дека Халанд го потсетил и на Златан Ибрахимовиќ.

„Се сеќавам дека мојот драг пријател Златан Ибрахимовиќ имаше способност да ја крене ногата високо до покривот, а Ерлинг е сличен на тоа. Мислам дека тоа е неговата природа. Тој е еластичен, флексибилен и има способност да воспостави контакт и да ја испрати топката во мрежата“, изјави Гвардиола.

Во текот на својата кариера, Халанд постигна 26 гола на 21 натпревар во најсилното европско натпреварување на клубот, со просек од гол на 62 минути.

Слични содржини