По техничка грешка мораше да се повтори контроверзната ждрепка за осминафиналето во Лигата на шампионите, поради што многу клубови останаа лути на УЕФА.
Сепак, менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, испрати целосно спротивна порака.
Неговиот тим прво беше извлечен во пар со Виљареал. На повторената ждрепка три часа подоцна, „граѓаните“ со ждрепка беа извлечени против Спортинг.
– Сакате мое мислење за ждрепката? Мислам дека требаше да се повтори. Сè беше фер. Беше грешка и такви работи може да се случат – и на тренерите, на играчите, а и УЕФА може да греши. Тоа е фер. Би било грешка да не се повтореше ждрепката и да останеа сомнежите, изјави Гвардиола.
Во ден кога многумина остро го напаѓаат европската фудбалска асоцијација, Шпанецот застана на нивна страна.
Сити имаше тешка работа во групната фаза, но сепак заврши прв, со бод повеќе од второпласираниот Пари Сен Жермен.