Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола смета дека битката за титулата во Премиер лигата се уште не е завршена, иако „граѓаните“ водат со 15 поени пред вториот, а до крајот на шампионатот остануваат 13 круга. Претходно денеска неговиот колега во Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо практично призна дека битката за првото место е завршена и „црвените ѓаволи“ ќе се борат за втората позиција.
„Има уште 13 круга, 39 поени, за кои да играш, а ние водиме со 15. Ништо не е завршено. Останува да одиграме неверојатно тешки натпревари. На пример утре. Секој знае дека е многу тешко да се игра против Барнли. Треба да гостуваме и на Стоук Сити, и на Евертон. Треба да играме со Арсенал, Манчестер Јунајтед, Тотенхем и Челзи. Дефинитивно ништо не е готово“, изјави Гвардиола.
Шпанецот додаде дека се уште не јасно дали Давид Силва ќе игра против Барнли, откако халфот беше принудно заменет на дуелот со Вест Бромвич.
Бенџамин Менди, кој е надвор од септември, добро се опоравува и во март треба да продолжи со тренинзите.