Пеп Гвардиола останува во Манчестер Сити и следната сезона. Според внатрешни извори, цитирани од медиумите на Островот, на паузата се случила успешна средба меѓу челниците на англискиот шампион и трофејниот менаџер на која наводно бил договорен нов едногодишен договор.
Сè уште ништо не е потпишано, а нема официјални изјави кои навестуваат таков исход, но вестите кои доаѓаат од Островот велат дека Гвардиола 99 отсто ќе стави параф до крајот на оваа година.
Шпанецот имаше покани да ја преземе селекцијата на Англија и Бразил, но на таа информација секогаш одговараше дека е „тренер на Сити“. Тој не сакаше да зборува за иднината на прес-конференции, иако неговиот актуелен договор е до јуни 2025 година.
По заминувањето на спортскиот директор Аитор Чики Бегеристајн, а на негово место од Спортинг Лисабон дојде Уго Вијана, се шпекулираше дека Гвардиола сигурно ќе си замине на крајот од сезоната. Сепак, се чини дека навивачите на Сити ќе бидат во право кога пред извесно време извадија плакат – „Гвардиола, 10 години верност“.
Шпанецот пристигна во Сити во 2016 година и му донесе доминација на клубот во Премиер лигата, но и го донесе трофејот од Лигата на шампионите на УЕФА на „Етихад“. Во моментов тимот е во криза, има четири порази во низа, што се случува за прв пат во кариерата на Шпанецот на клупата на „граѓаните“.