Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола го изрази своето задоволство по убедливата победа од 4:0 против Њукасл во 25. коло од англиската Премиер лига.
„Тоа беше натпревар кој не потсети кои сме. Начинот на кој игравме, можеме да бидеме горди на нашите перформанси, нешто што не можевме да го кажеме за претходните фази од сезоната“, рече Гвардиола.
Победата над директниот конкурент за топ 4 му дава нови надежи на шпанскиот тренер дека и покрај тешките месеци, конечниот резултат од сезоната може да биде успешен.
„Секогаш се трудиме, но понекогаш работите не успеваат. Задоволен сум од темпото и интензитетот на нападот, како и од настапите на Нико Гонзалес и Хусанов. Важно е да се победи во вакви натпревари за да продолжиме да бркаме место во Лигата на шампионите и да ги израдуваме нашите навивачи“, додаде менаџерот на „небесносините“.
Гвардиола не пропушти да укаже на одличната игра на Омар Мармуш, кој постигна „хет-трик“.
„Мармуш се претстави многу добро во Германија. Тој е брз и квалитетен играч. Задоволен сум од неговиот настап денес. Требаше да постигне гол во уште неколку ситуации, но на крајот одлично се снајде во последната третина“, додаде Гвардиола.