Гвардиола побара можност повторно да го изгради Манчестер Сити

од Vladimir Zorba
42 прегледи

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола побара од раководството на клубот да му даде време да го заживее тимот и да излезе од серијата слаби резултати. Шпанецот на својата прес-конференција изјави дека „нема да побегне“ од овој предизвик, пренесе АП.

Сити забележа пет последователни порази во сите натпреварувања, како и реми со Феенорд (3:3), откако на четвртина час до крајот водеа со три гола разлика. Најлошата серија на Гвардиола во кариерата би можела да продолжи во недела кога ќе гостува кај лидерот во Премиер лигата, Ливерпул.

„Не е нормално со големите клубови да бележиме резултати, како што правевме, но мораме да го прифатиме тоа. Сигурно сакам да останам овде, но во моментот кога ќе почувствувам дека не носам ништо во тимот, ќе дојде некој друг. Но сакам да имам можност да се обидам, не сакам да бегам, сакам да го обновам тимот повторно“.

„Го побарав овој предизвик, ја побарав можноста за ова. Знам што сакам да правам, знам што ни треба“, уверен е тренерот кој во последните 8 сезони со „граѓаните“ освои шест шампионски титули.

Гвардиола откри дека е во постојан контакт со претседателот на клубот Калдун Ал Мубарак.

„Тој знае дека ќе најдеме решение. Доколку тоа не се случи, клубот ќе донесе одлука“, изјави Гвардиола.

„Сето тоа е на мои рамења, но јас го сакам. Во фудбалските тимови треба да победувате, ако не, тогаш сте во неволја. Го знам тоа. Луѓето велат: „Зошто Пеп нема проблеми? Зошто не го отпуштат? Но, она што го направивме овие осум години ни ја дава оваа заштита“, е сигурен тој.

Менаџерот не сакаше да зборува за криза во тимот, но не е сигурен кога ќе заврши серијата без победа. По Ливерпул, Сити игра со Нотингем Форест во среда.

„Ќе се вратиме, сигурен сум во тоа. Не знам кога, сепак, тоа е вистината. Можеби исклучоците беа во минатото, не она што се случува сега. Многупати се кренавме, повторно и повторно. Тие се одлични“, рече тој за своите играчи.

Слични содржини