Менаџерот на фудбалскиот клуб Манчестер Сити, Пеп Гвардиола изјави дека неговиот тим имал тежок период и истакна дека тимот мора да продолжи да победува по триумфот против Нотингем Форест.
Фудбалерите на Манчестер Сити во средата на домашен терен го победија Нотингем Форест со 3:0 во 14. коло од Премиер лигата.
„Граѓаните“ пред дуелот со Нотингем Форест не триумфираа на последните седум натпревари во сите натпреварувања.
„Тоа беше тежок период, но мораме да ги прифатиме предизвиците и да се справиме со нив. Мислам дека овој пат бевме добри. Сите гледаме дека Премиер лигата е се потешка и потешка, секој противник е тежок. Секој на секого му одзема поени. Мора да се подобриме, прво да се обидеме да продолжиме да победуваме, а потоа за неколку месеци ќе видиме до каде сме“, изјави Гвардиола.
Менаџерот на Манчестер Сити потоа го пофали белгискиот фудбалер Кевин де Бруин, кој беше стартер на натпреварот против Нотингем Форест.
„Тој беше одличен, особено во првото полувреме. Сите знаеме каков играч е тој и колку ни значи. Голема работа е да се има повторно на теренот“, изјави Гвардиола.
Манчестер Сити е на четвртото место на табелата во Премиер лигата со 26 бодови, а во следното коло му гостува на Кристал Палас.