„Секоја година буџетот се повеќе расте, а јас оптимистички верував дека тоа нема повторно да се случи“, ова е првиот впечаток на поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини за државната каса и проекциите, догодина да потрошиме рекордни 5,3 милијарди евра или 600 милиони евра повеќе.
Не се согласува со тврдењата на министерот за финансии, Бесими дека целта на новиот буџет е да се одржи економскиот раст, да се извршат обврските на државата и да се подржат реформите и евроинтегративните процеси.
„Неговата вистинската цел е да ги финансира функциите на државните органи, на Министерството за одбрана, на Министерството за внатрешни работи, за платите на административците…“, посочува Хајредини за „Локално“.
Отворено не се согласува и во однос на тврдењата дека нашата Влада дала најенергичен одговор на енергетската и ценовна криза во однос на останатите земји на Западен Балкан.
„Во споредба со сите држави од овој регион, Македонија оствари највисока стапка на инфлација и најниска стапка на економски раст. Исто така, само пред неколку недели беше презентирана проекција на раст за идните години со стапка од најмалку 5%, а сега оддеднаш за 2023 година се предвидува раст од само 2,9%, а инфлација од 7%“, посочува Хајредини.
Ваквиот след на чекори според него, неминовно ќе доведе до нови задолжувања и ребаланс на буџетот и веќе во септември ќе ги видиме последиците, односно промените што ќе ги претрпат прокламираните цели. Во делот на проектираните капитални инвестиции, 790 милиони евра или 300 милиони повеќе од ребалансот годинава, Хајредини потсетува дека секоја година оптимистички се предвидуваат многу средства за инвестиции но праксата го покажува спротивното.
„Предвидените пари за капитални инвестиции до крајот на октомври не се остварени ни 50%“, вели Хајредини што според него е показател дека истата пракса ќе се случи и догодина.
Како подеднакво голем проблем ги посочува и огромните износи потребни за плаќање на странските обврски, како и дефицитот од 700 милиони.
„Значи, претстои тешка година за креаторите на буџетската политика, а последиците ќе ги почувствуваме веднаш во првите месеци од идната година. Тешко е за сите држави, но вистинското прашање е зошто е најтешко за Македонија?“, реторички прашува тој.
Предлог буџетот предвидува од граѓаните и стопанството да се соберат 4,6 милијарди евра, се планираат расходи од 5,3 милијарди евра и дефицит на ниво од 4,6 % од БДП. Економскиот раст се очекува да биде 2,9%, инфлацијата 7,1 %, надворешниот долг да биде под 60% а капиталните расходи за 52% повисоки од 2022 г.
За плати за администрацијата ќе се потрошат 5 % повеќе од предвидените со годинешниот ребаланс, а за помош на стопанството и граѓаните во справување со економско- енергетската криза се планираат 250 милиони евра.Владата уверува дека нема да има зголемување на даночните стапки и нови даноци туку реформа на даночната политика.
К.В.С.