Хаџи-Јанев: Путин нема за цел да ја окупира цела Украина, крајно јасно му е дека нема капацитет за тоа

од Берта Китинска
1,2K прегледи

Путин нема за цел да ја окупира цела Украина, бидејќи му е крајно јасно дека нема капацитет за тоа, а и да успее да речеме да ја заземе територијата ќе има проблем да ја администрира или да ја задржи оти народ никој не победил. Но, дека сака да инсталира свој човек во Украина или дека сака да заземе дел од Укриан во кој ќе постави своја администрација или администрација која ќе му биде лојална нему е повеќе од факт, вели во интервју за „Локално“, Методи Хаџи Јанев универзитетски професор на Воената академија во Скопје.

Тој потенцира дека по две години јасно е дека НАТО е рамка во која имаме сигурност и сме дел од клубот на елитните играчи, додавајќи дека играта која ќе се игра зависи од самата земја челнки.

-НАТО за волја на вистината веќе неколку години апелира дека е јак колку и секоја земја членка. Предноста е што можете да добиете повеќе за помалку. Ама, ако не знаете никој нема да ви го даде, иако дури и тогаш е можно да сте во плус, бидејќи одејќи во јато ќе морате да се устроите или да постигнете некое ниво. Внимавајте тоа ви е семејство во кое имате солидарност и е многу подобро да сте во него отколку надвор од него, вели тој.

Веќе помина месец од руската агресија врз Украина, како ја оценувате оваа поодмината фаза од воениот конфликт?

Трагично, никако поинаку. Тоа е трагично за украинскиот народ, и пред се за човештвото. Овој конфликт само не подразбуди од комотниот сон и ни кажа дека најверојатно ништо не сме научиле или сé сме заборавиле. Во секој случај ова е конфликт кој ќе смени многу нешта. Како ќе се развие истиот е тешко да се каже бидејќи фрикцијата на војната и целата магла која постои околу конфликтот на виделина извади доста нечист веш кој треба да најдеме начин да го голтнеме.

Како ги коментира информациите, кои доаѓаат пред се од западните медиуми, дека Путин сака да ја подели Украина по примерот на Јужна и Сверна Кореја? Дали е тоа таа тампон зона која тој сака да ја направи со НАТО земјите или тука се крие друга причина?

Генерално, јас тоа го кажав уште на почетокот на конфликтот во неколку јавни настапи. Путин нема за цел да ја окупира цела Украина, бидејќи му е крајно јасно дека нема капацитет за тоа, а и да успее да речеме да ја заземе територијата ќе има проблем да ја администрира или да ја задржи оти народ никој не победил. Но, дека сака да инсталира свој човек во Украина или дека сака да заземе дел од Укриан во кој ќе постави своја администрација или администрација која ќе му биде лојална нему е повеќе од факт. Друга работа е дали тоа ќе може да го оствари и по која цена. Сепак, одговорот на ова прашање детално ќе зависи од тоа што ќе сметаме за поделба и како ќе ја гледаме поделбата. Ако за поделба го сметаме унилатералното отцепување на териториите кои до пред инвазијата беа во конфликт тогаш најверојатно тоа ќе биде завршена работа. Најлошо по Путин во таков случај ќе биде ако Путин условно загуби во Украина или пак му се случи пресврт преку внатрешен револт (што е малку извесно барем засега-иако не и не возможно). Тоа дополнително ќе биде лошо и за населението во тие делови бидејќи одмаздата заради борбениот стрес и менатлитет кој веќе всаден кај уркаинците е голем. Во тој случај западот ќе мора да го менаџира гневот за да не се доведе во обратна ситуација. Подобра варијанта за Путин е да отцепи поголем дел од територијата и како што веќе пред месец дена и навестив да успее да затвори линија север-југ и ги отцепи ударните сили на Украина кои се сега в борбен допир на истокот. Ставени во теснец овие сили ќе имаат сериозен проблем за опстанок, иако жилавоста на Украинците (секако во позитивна смисла) ги надмина очекувањата на сите па дури и на Путин.

Некои проценки се дека Путин војната нема наскоро да ja запре и дека сверите на влијание ќе ги шири и кон Балканот конкретно кон БиХ колку се реални таквите изгледи? Зошто на Путин би му требал конфликт во БиХ?

За жал ќе морам да се согласам со констатацијата дека конфликтот ќе трае. За ова веќе зборев дека состојбата во однос на дипломатско и оперативно решение преку интевренција на меѓународната заедница е во слепа улица. Украина има индиректна поддршка ама ќе мора сама да се избори за својата слобода (освен ако нешто драстично не се промени, на пример не дај боже конфликтот да се прелее од Украина во други региони). Во однос на сферите на влијание мислам дека нема потреба да ги шири Путин тие веќе се одамна раширени. Само може да го засили темпото волуменот и интензитетот на алатките и методите со кои го шири влијанието. Во однос на прашањето за конфликт во БиХ, не сум сигурен дека он сака директно да има конфликт. Ама, амбицијата (за која исто така говорев детално) околу судирот на вредностите и намерата да ја истисне либералната доминација и како што тој и некои други како него сметаат „универзализација“ на западните вредности како светски и единствено демократски вредности има потенцијал да го стори тоа. Дали ќе го стори ќе зависи од тоа колкава е еластичноста на другата страна (пред се, БиХ), а и на Западот да го отстапи овој простор како сфера на влијание. Внимавајте тоа воопшто нема да биде лесно бидејќи Русија се покажа вешта во искористување на внатрешните проблеми посебно корупцијата и организираниот криминал, повлекувањето на Западот од регионот и генерирање на ефект на „стабилитократија-жртвување на демократијата за сметка на стабилноста“ и конечно како нус продукт на тоа квази либерализам во кој лажнте вредности, клиентилизмот, продуцитраа локални и регионални деспоти кои во мафија стил контролираат цели адмнистрации. Во исто време повлекувањето на западот е повлекување од народот не од политичките елити. Географијата во таа смисла, пак ќе повторам е битна за Путин и тоа Западот се повеќе го сфаќа. Факт е дека мобилизацијата помеѓу западните сојузници е евидентна и дека ќе ги искористат сите знаења, капацитети и ресурси да спречат било какво истиснување. Тоа, само по себе може да ги изостри спортиставеностите и од не воени инструменти за решавање на спорот да распламти употреба на оружје-значи конфликт. Да се надеваме дека до тоа нема да дојде.

Може ли состојбата со Украина го промени одност кон земјите од регионот аспиранти за члеснство во ЕУ и да го забрза нивниот почеток на преговори?

Искрено знам дека тоа сите го посакуваме ама мислам не. Од оние контакти јас ги имам и од анализата на односите, тоа засега е илузија. Но, како што надежта умира последна така и оваа амбиција или замисла колку и да е апстрактна е посакувана за нас, но не верувам за ЕУ.

Од Балтичките земји, кои се дел од НАТО и се блиску до „линијата на огнот“, се повеќе се слушаат гласови дека Алијаснсата нема да успее да ги одбрани, во случај рускиот претседател да „тргне по нив“. Сметате ли дека можен е напад на Русија кон НАТО земји?

Искрено сметам дека тоа се е можно. Матрицата за пресметка на ризик за време на конфликт и мир не се исти. Само како за илустрација иако беше логично да не изврши инвазија Путин изврши инвазија на Украина. Оттука иако не е логично сега кога голем дел од капацитетите му се врзани на фротн и каде како што гледаме од информациите со кои располагаме не им оди баш според планот, да очекуваме дека ќе изврши напад на друга територија. Но, што ако се почуствува испрвоциран или пред загрозен па пред потонување да стане апокалиптичен. Затоа сметам дека било какви прогнози мора да се воздржани оти во вакви услови може да генерираат непотребни ефекти.

Што е со европската безбедност во целина? Како треба да се организира таа по ваквата, „воена операција“?

Тоа е прашање за милион долари. Причината е заради тоа како ќе го избаланисрате односот на европските сили со НАТО. Дали тоа значи дека ќе дуплирате ресурси или ќе извлечете дел од ресурсите од НАТО и ќе ги алоцирате за европската безбедност. Следно ако веќе сакате да го сторите тоа која е целта. Не сум скептик, само практично и гласно размислувам укажувајќи дека со активен НАТО концепт кој има свои капацитети, знаење, и структури, овие сили може да имаат внатрешен латентна конкуренција во оперативна смисла. Е сега, ако тоа знаат или имаат визија како да го менаџираат европските експерти тогаш тоа би било идеално.

Во Брисел беше усвоен „Стратешкиот компас“, документ кој ја содржи идејата за формирање европска армија од 5.000 војници. Оваа воена единица би оперирала со знамето на ЕУ на рамо и би била достапна на Брисел за мировни мисии, трае со години.Што точно би значело формирање на оваа еденица среде руската инвазија на Украина?

Па, во однос на инвазијата нема да значи многу, особено додека трае. Мисијата како што самите кажавте е мировни операции кои генерално се во рамките постконфликтно ангажирање. Иако за волја на вистината растегливоста на интерпретацијата на членовите од Повелбата околу употребата на сила во минатото влијаеше и на тоа да се даде мандат и додели мисија за наметнување на мир. Хипотетички (иако не тврдам дека тоа е така) овие сили би се користеле за наметнување на мир. Во оперативна смсила ако таа хипотеза е точна ќе значи дека овие сили би требало да влетаат во Украина и да ги разделат силите кои се во конфликт. Тоа од сите политички изјави како и од целата динамика видовме дека барем засега нема да се случи. Сепак, формирањето на овие сили не е ништо друго туку порака за тоа дека ЕУ е свесна оти за да може да ја операционализира својата амбиција за геосѕтратешка релевантност мора да има развиен капацитет да дејствува преку силата како инструмент на моќ. Инаку во трката која ја трчаат натпреварувачите бна геостратепки план, нема место за неа.

Зеленски во своите обраќања кон Алијанста потенцира дека Украина ја покажала силата на својата армија и дека НАТО треба да покаже дека тоа е навистина најмоќната одбранбена унија во светот.Ги исполнува ли Украина НАТО стандардите?

Искрено не знам колку е релевантно тоа сега во моментот и што ќе значи тоа за Украина ако ги исполни стандардите на НАТО без членство. Оперативно гледано секогаш е добро ако ги исполните стандардите на НАТО. Утврдувањето на усогласувањето на стандардите е процес кој е строго дефиниран преку чекори. Тоа не е нешто што можете да го оцените преку ноќ или од оваа перспектива. Дополнително за тоа е потребен тим, покрај останатото и на сертифицирани оценувачи кои преку утврден процес, критериуми и време донесуваат суд за вооченото.

Од што најмногу во моментов, според вас, треба да стравува земјава, во контекст на случувањата во Украина?

Како да успееме да ја зачуваме социјалната стабилност, да ја зголемиме еластичноста на општеството, на сите нивоа на државно и општинско, да ја подигнеме медиумската и информациската писменост на населението, и да ги намалиме изворите кои ги хранат векторите на закана кои потенцијалните непријатели ги користат речиси без напор.

Двегодишнината од членството во НАТО, Македонија ја дочекува во време на воена и економска криза.Колку членството во НАТО значеше за државата?

Многу. Исто толку да преведам ќе значи до некаде и членството на ЕУ. До нас е како ќе знаме, ако знаеме да го „валоризираме“ сето тоа. Мислам дека на сите им стана јасно дека НАТО е рамка во која имате сигурност сте во клубот на елитните играчи, ама како ќе играте зависи од самите нас. НАТО за волја на вистината веќе неколку години апелира дека е јак колку и секоја земја членка. Предноста е што можете да добиете повеќе за помалку. Ама, ако не знаете никој нема да ви го даде, иако дури и тогаш е можно да сте во плус, бидејќи одејќи во јато ќе морате да се устроите или да постигнете некое ниво. Внимавајте тоа ви е семејство во кое имате солидарност и е многу подобро да сте во него отколку надвор од него. Прогресот на семејството е замислен преку индивидуалниот прогрес на земјите членки. Сé друго е илузија и незнаење кое за жал од квази познавачите на односите стана доминантно и контра продуктивно. Истото ревносно се злоупотребува преку спој со работи кои не се нешто што се тврди. Во таа смисла ако сте очекувале мед и млеко како што тоа е пракса да се каже би рекол треба да дефинираме прво што подразбираме под тоа, да прочитаме за што се залага организацијата -сојузот и да потврдиме дека во одреден домен на дејствување да го има и медот и млекото. Само треба да научите како да го земете. Следна работа која мора да стане јасна и за која треба отворено да се збори е дека мирот е скапа работа. Земете го личниот мир и спокој и ќе сфатите колку тоа навистина чини, не само материјално туку во секој сегмент. Од образование до ресурси и најважно од сé човечки капацитети. Ако тие работи се расчистат ќе видите дека НАТО е чиста добивка. Внимавајте добивката пак зависи од влогот за да има ефект.

Б.М.

Слични содржини