Автобусот бил произведен пред 2007 година, но беше купен од мојата компанија пред околу три години. Досега, сме немале технички проблем со него, вели сопственикот на „Беса транс“, Беким Хаџиу во интервју за „БНТ“, говорејќи за трагичната несреќа на автопатот „Струма“.
Тој ја исклучува можноста некој од патниците да има увезено запаливи материи во багажникот од автобусот.
-Овој пат од Република Северна Македонија тргнаа четири автобуси. На границатa, на излез од Бугарија, дознав за пожарот. Им реков да ме испратат на местото да видам со свои очи што се случило таму. Се качив со такси и се вратив. Со часови останав на местото на настанот, вели Хаџиу во интервјуто и додава:
-Пред да тргнеме за Турција ги сервисираме, контролираме, па дури и кога ќе стигнеме до Истанбул и таму одиме на сервис да ни ги проверат. Превезуваме патници, мораме да видиме каква е состојбата, објасни сопственикот на „Беса транс“.
Што се однесува до тоа дали превезувале дополнително гориво или други запаливи материјали, вели дека тоа не било случај.
-Имаше канти, во секој автобус има. Тие се туби со вода, во секој автобус мора да ги има, во случај нешто да се скине, да се случи, да се надополни. На влез на Бугарија секогаш има строги контроли. Проверуваат од багаж до шофер, што носат, вели Хаџиу.