Неодамнешното протекување на строго доверливи документи на Пентагон може да ја чини Украина лоши резултати на бојното поле, изјави Џим Хајмс, член на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом.
„Сè што упатува на извори и методи носи многу реален ризик тие извори и методи да исчезнат“, рече Хајмс.
Тој посочи дека тоа може да значи убивање луѓе и рушење на технологиите, а сето тоа се претвора во лоши исходи на бојното поле.
Хајмс нагласи дека не бил информиран за документите и дека не може да ја потврди нивната автентичност, иако некои други официјални лица изјавија дека се автентични, пренесе Си-Ен-Ен.
Конгресменот додаде дека разузнавачкото партнерство наречено „Пет очи“, кое го сочинуваат САД, Велика Британија, Австралија, Канада и Нов Зеланд, можеби ќе размисли двапати за споделување на најчувствителните разузнавачки податоци поради протекувањето на документите.
Документите неодамна објавени на интернет даваат чувствителни детали за низа безбедносни прашања, вклучувајќи ги Украина, Кина и Блискиот Исток. Тие, наводно, откриваат слабости во воздушната одбрана на Украина и други детали од конфликтот по раната проценка на американската војска.
Дополнително, документите покажуваат дека САД ги шпионирале дури и своите сојузници, како што е Јужна Кореја, што предизвика голема загриженост кај американските претставници кои веруваат дека оваа ситуација може да ги загрози американските извори и да ги поткопа важните меѓународни односи.
Пентагон ќе преземе мерки за зајакнување на контролата врз строго доверливите документи.