Хајредини: Славески ја зема најскапата, а Димитриеска-Кочоска „најтешката“ Еврообврзница !

„Оваа Еврообврзница е многу лош знак за состојбата на Буџетот, а не знак на доверба кон државата. Гордана Кочоска е рекордер според износот на обврзницата од еднa милијарда евра, а Трајко Славески како некогашен министер, со каматната стапка од 9,8% ја издаде „најскапата“ – вели Хајредини за „Локално“

од Vladimir Zorba
36 прегледи Фото: Инстаграм/Народна банка

За Власта, Еврообврзницата во износ од 1 милијарда евра е успешна операција преку која меѓународните кредитори и инвеститори ја потврдиле довербата за финансиските политики на државата. Според опозицискиот фронт, ова задолжување е доказ дека буџетската каса е во криза.

Еден од поранешните министри за финансии Џевдет Хајредини за „Локално“ вели – издавањето на Еврообврзница како инструмент за позајмување пари нема никаква врска со довербата на инвеститорите. Правилата на меѓународниот пазар, според Хајредини се јасни,  Еврообврзниците кои ги издаваат државите се сигурен инструмент за доверителите бидејќи секоја држава е гарантор дека ќе го исплати долгот.  Ако тоа не се случи, тогаш државата е во банкрот, што не е позната пракса, вели Хајредини.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/НБРМ

„Оваа Еврообврзница е многу лош знак за состојбата на Буџетот, а не знак на доверба кон државата. Гордана Кочоска е рекордер според износот на обврзницата од еднa милијарда евра, а Трајко Славески како некогашен министер, со каматната стапка од 9,8% ја издаде „најскапата“ – вели Хајредини.

Задолжувањето со нова Еврообврзница беше најавено со новиот Буџет за годинава со  образложение дека парите ќе се искористат за враќање на  доспеани долгови.

„Средствата обезбедени преку оваа еврообврзница, кои се целосно планирани во Буџетот за 2026 година и во Ревидираната стратегија за управување со јавниот долг, ќе бидат наменети за навремена отплата на еврообврзницата издадена во 2020 година во износ од 700 милиони евра, како и за сервисирање на други обврски кои доспеваат во тековната година# – изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

Според информациите од Министерството за финансии  во текот на оваа 2026 година само по основ на обврски од наворешен долг треба да се исплатат околу 893 милиони евра.

Жестока критика за новото задолжување упати опозициската СДСМ според која високиот износ е доказ дека има проблем со јавните финансии.

Фото: СДСМ

„Дупката во буџетот е огромна, недостасуваат од околу 2 милијарди евра, и тоа конкретно на страна на приходите кусок од 500 милиони евра, дефицит во буџетот 680 милиони евра, доспеани и неподмирени обврски кон стопанството од околу 700 милиони евра, неисплатен поврат на ДДВ кон компаниите меѓу 100 и 150 милиони евра“ – изјави претседателот на СДСМ Венко Филипче по одржување на лидерската средба во средата на која тој не присуствуваше.

Во 2026 година, вкупните обврски за отплата на домашниот и меѓународниот пазар изнесуваат околу 1,56 милијарди евра, во 2027 година обврските изнесуваат 1,58 милијарди евра а во 2028 година 1,97 милијарди евра. Лани државата зама уште една „милијарда“ од Унгарија, дел од парите повторно завршија за отплата на доспеани долгови а половина милијарда евра ги „подели“ бизнисот и општините. Во најава е и заем од 5 милијарди евра зад кои како гарантор стои Велика Британија.

Фото: Јутјуб/Принтскрин

Инаку Еврообврзницата од 1 милијарда евра е десетта по ред. Првата беше издадена во 2005-та, во износ од 150 милиони евра,  со потпис на тогашниот министер за финансии Никола Поповски. „Најскапата“ Евообврзница во износ од 175 милиони евра, со камата од 9,875%,  беше издадена во 2009-та од тогашниот прв финансиер, а сегашен гувернер – Трајко Славески.

Д.А.

Слични содржини