Хајрулахи: Ќерка на републичкиот обвинител изнесува информации, свиркачот не го знам

од Nikola Popovski
378 прегледи

Вишиот скопски јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, кој од вчера е суспендиран од функцијата, денеска на прес-конференција за медиумите порача дека тенденцијата на републичкиот државен обвинител Љупчо Коцевски е „да го заќути и отстрани и да ги заплаши другите колеги кои постапуваат согласно законот“.

Според него, му бил вршен притисок од обвинителот по однос на предметот за бонусите во СЈО.

-Ми беше кажано дека против мене, неколку вработени од Вишото јавно обвинителство доставиле претставка до него за наводен мобинг. Истиот кажа дека содржината на претставката е смешна и крајно несериозна и дека доколку има било каков мобинг, тоа треба да се процесуира до Граѓанскиот суд. Откако го обелоденив настанот, јавниот обвинител преку неговата ќерка изнесува информации до одреден медиум, со цел тој медиум да го објави текстот и забележливо беше дека стои од извори на медиумот. Од свиркачот кој што ми ги достави снимените разговори, истиот ми кажа дека лицето што ги доставува информациите со папката до медиумот е ќерката на обвинителот Љупчо Коцевски. Има Закон за укажувачи. Јас ако го сокријам сето тоа, јас ќе бидам дел од тие што незаконски го прават, рече Хајрулахи во изјава за новинарите.

Вишиот обвинител истакна дека поради тоа биле замаглени сликите на новинарката и изворот на снимката која што протече во јавноста. Вели дека тој лично не ги снимал и не сакаше да го открие свиркачот, односно дека не го знае.

-Дали е нормално ќерка на републички обвинител да изнесува информации од кабинетот на обвинителот. На новинарката тоа и е работа и тоа е легитимно, но не е легитимно обвинителот преку неговата ќерка да изнесува информации во јавноста. Не ги заплашувам новинарите. Немам ништо конкретно против новинарот и свиркачот, праша Хајрулахи.

Минатиот месец Хајрулахи до граѓанскиот суд поднесе тужба за клевета против неколкумина вработени во обвинителството за кои вели дека по инструкција на друг обвинител давале лажни изјави дека им се врши мобинг.

Хајрулахи тврди дека поседува информации и видео од предавањето на документите, кои претходно ги достави и до ТВ Канал 5, а ги добил од свиркач. Тоа лице, како што вели, му посочило дека тие биле предадени од член на семејство на високопозициониран јавен обвинител на друго лице кое не е од обвинителската фела.

Хајрулахи во изминатиот период беше присутен во јавноста откако јавно го обвини шефот на Републичкото јавно обвинителство Коцевски дека вршел директен притисок врз него, во насока да биде внимателен каква одлука ќе донесе за предметот со бонусите на СЈО и во истиот да не се дава својство на оштетен на  ВМРО-ДПМНЕ. Поради тоа, тој смета дека извршената контрола во Вишото обвинителство е производ на организирана хајка и притисок врз него.

Инаку, на видеото кое го објави „Канал 5“, двата лика се заматени. По објавата на телевизискиот прилог, се огласи новинарката Мирослава Симоновска од „Слободен печат“ која јавно соопшти дека таа е на снимката.

-На ова видео има дел од снимка снимена во кафичот Пјаца де торос во ГТЦ на кеј, каде седев со другарка. Лицето кое ги прима материјалите во видеото сум јас. Материјалите, наспроти изнесеното во прилогот не се извештајот од спроведената контрола во Вишото јавно обвинителство. Извештајот го немам, објави Симоновска.

Од друга страна, пак, Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници изразија сериозна загриженост поради, како што нагласуваат, последното прекршување на основните права на новинарката, поради неовластеното снимање и дистрибуција на видео на кое таа наводно прима документ.

Слични содржини