Највредниот светски производител на нафта „Сауди Арамко“ потврди дека податоците на компанијата „истекле“ од еден од нејзините подизведувачи.
Британскиот јавен сервис Би-Би-Си додава дека објавените досиеа сега наводно се користат како средство за изнуда на 50 милиони долари од компанија од Саудиска Арабија, пренесе „Танјуг“.
Во е-маил одговор на истрага на „Би-Би-Си“, „Арамко“ рече дека „неодамна дознале за индиректно откривање на ограничена количина на податоци за компанијата што ги држат независни подизведувачи“.
Саудискиот енергетски гигант не соопшти за која компанија станува збор или дали изведувачот бил хакиран или податоците „истекле“ на некој друг начин.
„Истекувањето на податоците не се случи со пробивање на нашиот систем, настанот нема никакво влијание врз нашиот бизнис, а компанијата продолжува да одржува силна компјутерска безбедност“, додаваат од „Арамко“.
Изнудувачите добиле еден терабајт (1.000 гигабајти) податоци на „Арамко“, објави претходно АП повикувајќи се на веб-страница на „darknet“ (дел од шифрирана мрежа на Интернет што е достапна само преку специјализирани алатки кои овозможуваат анонимност).
Според извештајот на АП, на таа веб-страница, на „Арамко“ му било понудено бришење на податоците во замена за 50 милиони долари во криптовалута, а сè уште не е познато кој стои зад бараниот откуп.
„Арамко“ не одговори на барањето на Би-Би-Си за коментар на веста на АП дека компанијата е цел на обид за изнуда од 50 милиони долари.