Хакирани документи за вакцината Pfizer / BioNTech

од Vladimir Zorba
298 прегледи

ДОКУМЕНТИ поврзани со апликацијата за одобрување на вакцината против Ковид-19 на Pfizer / BioNTech беа хакирани за време на сајбер напад врз Европската агенција за лекови (EMA), објави „Pfizer“ во средата.

„Важно е да се напомене дека ниту системот на BioNTech ниту Pfizer не беа оштетени за време на инцидентот, но не знаеме какви лични податоци беа хакирани“, се вели во соопштението на „Pfizer“.

„Чекаме повеќе информации за истрагата во ЕМА и ќе реагираме соодветно и во согласност со европскиот закон“, се додава во него.

„Земајќи ги предвид клучните размислувања за јавното здравје и важноста на транспарентноста, ние ќе продолжиме да даваме јасни информации за сите аспекти на развојот на вакцините и регулаторниот процес“, се посочува во соопштението.

Европската агенција за лекови, која во моментов размислува за одобрување на неколку вакцини против Ковид-19, во средата соопшти дека била цел на сајбер напад, без да прецизира кога е извршен нападот или кој го водел.

Сајбер нападите врз здравствените установи се интензивирале за време на пандемијата, а разни хакери, од шпиони до криминалци, се обидуваат да дојдат до најновите сознанија за избувнувањето на инфекцијата. Агенциите претходно објавија дека хакери поврзани со Северна Кореја, Иран, Виетнам, Кина и Русија се обвинети за обид за кражба на информации за вирусот САРС-КоВ-2 и за можен третман.

ЕМА, која ги контролира лековите на сите 27 земји-членки на ЕУ, треба да ја објави одлуката за одобрување на вакцината Pfizer / BioNTech, која е веќе одобрена во Велика Британија, Бахреин и Канада, најдоцна до 29 декември.

Слични содржини