Халанд одлучува до 31 јануари – Реал или Барселона

од Vladimir Zorba
228 прегледи

Дилема веќе нема – Ерлинг Халанд кариерата ќе ја продолжи во Шпанија, што го потврди и на одморот во Марбеља каде неодамна купи куќа.

Останува да видиме дали во иднина ќе игра за Реал или Барселона, бидејќи сите останати клубови испаднаа од натпреварувањето.

„Марка“ пишува дека норвешкиот напаѓач конечната одлука ќе ја донесе до 31 јануари, кога ќе се знае дали на лето ќе замине во „кралскиот клуб“, „блауграна“ или ќе остане уште една сезона во Борусија Дортмунд.

Останувањето на „Сигнал Идуна Парк“ е најмалку реална опција, иако раководството на „милионерите“ се обидува со нов договор да го задржи момчето кое на 75 натпревари постигна 76 гола и 20 асистенции.

Проблем е откупната клаузула која изнесува 75 милиони евра, што е мала сума за играч од оваа класа.

Но, има кочници кај шпанските великани – Реал го има Карим Бензема, кој игра во спектакуларна форма, а прашање е дали би вредело да натрупува напаѓачи, а Барселона поради финансиски проблеми мора да мисли на начин да се плати компензација и да се понуди „силен“ договор на Халанд и голема провизија на неговиот татко Алф-Инге и менаџерот Мино Рајола.

Доколку замине ова лето, Борусија има подготвена замена, од истиот клуб од кој го донесе Халанд – Салцбург. Мета е младиот германски напаѓач Карим Аџеми, кој сезонава постигна 18 гола на 28 натпревари.

Инаку, момчето кое на 18 јануари го слави својот 20-ти роденден, веќе дебитираше во германската репрезентација и на три меча во квалификациите за Светското првенство постигна три гола и асистенција иако одигра само 60 минути.

Слични содржини