Поканите до шефовите на држави и влади за учество на првиот Самит на Европската политичка заедница во Прага е всушност иницијатива која е изнудена од кризата со војната во Украина, со недостатокот на енергенси и со сиромаштија на целокупното население, посочи поранешниот амбасадор Мухамед Халили во емисијата „Win Win“ на Телма ТВ.
Идејата за Европска политичка заедница, според него, нема да биде промашена работа, туку ќе се развива.
„Ќе се воочат предностите и недостатоците, иако Европа доцна се разбуди и пропушти терен на Русија и, особено, на Кина. Од една асоцијација за јаглен и за челик, Европската унија денеска е друга асоцијација која е против јаглен, а за челик. Но, идејата за исфрлување на јагленот од употреба пропадна“, вели Халили.
На Самитот во Прага, на кој присуствува и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, учествуваа претставници од 44 држави, меѓу кои се членките на Европската Унија (ЕУ), земјите кои почнаа преговори за членство, како што е случај со нашата, држави со статис на кандидати, но и Велика Британија која излезе од Унијата.
„На тие земји кои не се членки им се дава шанса за рамноправно да разговараат, но рамноправното разговарање не значи и рамноправно одлучување. Не сметам дека тоа е лицемерие, но сметам дека земјите членки на Европската Унија, и особено оние кои раководат со политиките на Унијата, се наоѓаат во еден ќор-сокак“, смета Халили.