Халили: Мерката за оданочување на пратките што граѓаните ги нарачуваат од странство нема многу да влијае на домашниот буџет

Целта е да се покаже пред изборите дека се заштитува домашното производство и домашната економија, вели за „Локално“ економскиот аналитичар Арбен Халили.

од Бисера Трајковска
0 прегледи Фото: Фејсбук

Мерката која се предлага од Владата за оданочување на онлајн пратките до 22 евра што граѓаните ги нарачуваат од странство, не е случајна. Целта е да се покаже пред изборите дека се заштитува домашното производство и домашната економија, вели за „Локално“ економскиот аналитичар Арбен Халили.

Тој е на ставот дека оваа мерка нема многу да влијае на домашниот буџет, туку повеќе станува збор за популистичка мерка.

-Сепак, од друга страна не е нешто што многу ќе влијае во домашниот буџет па да се оданачат, кога знаеме дека најголем дел од овие онлајн производи се нарачуваат од граѓани од пониското ниво на општеството. Сметам дека ова е повеќе популистичка мерка, отколку дека како таква, ќе придонесе да се полни домашниот буџет, додаде Халили.

Тој потенцира дека не е соодветно образложението, дека со оваа мерка се заштитува домашното производство, затоа што производите кои се порачуваат од Тему и слични такви платформи, не се произведуваат и кај нас. 

Како што појаснува, генерално мерката нема да има никаков позитивен ефект, туку ќе има негативен ефект, доколку истата се имплементира во целост на начин на кој што е презентирана.

Б.Т.