Хамас дава позитивен сигнал за предлогот за примирје?

од Stefanija Kuzmanovska
271 прегледи

Палестинското движење Хамас ги даде првите индикации за позитивен прием на предлогот за хуманитарна пауза во конфликтот меѓу нив и Израел и за размена на заложниците кои ги држи за Палестинците во израелските затвори, изјави портпаролот на катарското министерство за надворешни работи.

Сега се договара нов прекин на огнот и договор за ослободување заложници и размена на затвореници, врз основа на предлогот направен на состанокот во Франција изминатиот викенд меѓу американски, израелски, катарски и египетски официјални лица.

„Овој предлог е одобрен од израелската страна и сега ја имаме првата позитивна потврда од Хамас“, изјави портпаролот Маџид ал-Ансари.

„Патот што треба да се оди е многу тежок. Ние сме оптимисти бидејќи двете страни дадоа ветувања кои ќе доведат до следната пауза. Се надеваме дека во следните две недели ќе можеме да споделиме добри вести за случајот“, додаде портпаролот.

Според израелските власти, во Газа се уште се држат 132 заложници. Од нив, се верува дека 27 се мртви.

Хамас соопшти дека добил предлог за примирје во три фази, вклучително и шестнеделна пауза во борбите. Во тој период, Израел мора да ослободи меѓу 200-300 палестински затвореници кои не се држат под строги услови за безбедност, во замена за 35-40 заложници задржани во Газа, велат извори од Хамас и Катар како и дека 200-300 камиони со хуманитарна помош исто така ќе може да влегуваат во Газа секој ден во тој период.

Слични содржини