Припадниците на вооруженото движење Хамас изнесоа четири црни ковчези со посмртните останки на заложниците, кои ќе ги предадат на Црвениот крст, како дел од спроведувањето на прекинот на огнот со кој заврши 15-месечната офанзива на Израел започната со нападот на Хамас врз Израел во октомври 2023 година.
Хамас ги врати телата на четворицата израелски заложници, меѓу кои и мајката Шири Бибас и нејзините две деца, за кои долго време се стравуваше дека се мртви и кои станаа олицетворение на агонијата на заложниците во нападот на 7 октомври. Израел треба да ги добие назад телата на Шира Бибас и нејзините две мали деца Ариел и Кфир. Кфир, со само девет месеци, беше најмладиот заложник земен во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната.
Хамас претходно соопшти дека сите тројца биле убиени во израелски воздушен напад.
Милитантната група планира да го предаде и телото на Одед Лифшиц, кој имал 83 години кога бил киднапиран.
„Срцата на целата нација се скршени“, изјави вчера израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во исчекување на враќањето на телото.
Стотици луѓе, главно маскирани борци на Хамас, се собраа на местото на предавање во предградието на градот Кан Јунис во јужниот дел на Газа, каде беа истакнати големи транспаренти, вклучително и еден на кој беа прикажани редови ковчези обложени со израелски знамиња.
Израелците го прославија враќањето на 24 живи заложници во последните недели во рамките на првата фаза од прекинот на огнот кој стапи на сила на 19 јануари и донесе пауза во 15-месечната војна. Но, денешното предавање на телата ќе биде остар потсетник за оние кои загинаа во заробеништво додека преговорите што доведоа до прекин на огнот се одолговлекуваа повеќе од една година.
Ова може да даде поттик за преговори за втората фаза од прекинот на огнот, кои едвај почнаа. Првата фаза е предвидено да заврши на 2 март.
Кфир Бибас имал само девет месеци кога милитантите упаднаа во семејниот дом на 7 октомври 2023 година. Неговиот брат, Ариел, имаше четири години. На видеата од тој ден се гледа како преплашената Шири ги носи двете момчиња додека милитантите ги носеле во Газа.
Нејзиниот сопруг, Јарден Бибас бил киднапиран посебно и ослободен овој месец во круг ослободување заложници како дел од договорот за прекин на огнот, по 16 месеци во заробеништво.
Роднините во Израел се надеваа дека Шири и децата се уште се живи и го прославиле првиот и вториот роденден на Кфир и петтиот роденден на неговиот брат. Семејството Бибас во синоќешното соопштение рече дека ќе чекаат „процедури за идентификација“ пред да прифатат дека нивните најблиски се мртви.
Поддржувачите низ Израел носеа портокалова боја во знак на солидарност со семејството, во врска со црвената коса на киднапираните момчиња, а во нивна чест беше напишана популарна детска песна.
Како и семејството Бибас, Одед Лифшиц, чие тело исто така ќе биде предадено денеска, беше киднапиран од кибуцот Низ Оз заедно со неговата сопруга Јошевед, која беше ослободена за време на еднонеделниот прекин на огнот во ноември 2023 година. Одед беше новинар кој се залагаше за признавање на палестинските права и мир меѓу Арапите и Евреите.
Хамас во сабота ќе ослободи уште шест живи заложници во замена за стотиците Палестинци кои се држат во израелските затвори, а следната недела ќе ги предаде телата на уште четворица заложници, со што ќе се заврши првата фаза од прекинот на огнот. Тоа ќе го остави Хамас со уште околу 60 заложници, сите мажи, од кои половината се верува дека се мртви.
Хамас соопшти дека нема да ги ослободи преостанатите заложници без траен прекин на огнот и целосно израелско повлекување.