Хамас го обвини и Бајден за упадот на израелската армија во болницата Ал Шифа

од Stefanija Kuzmanovska
182 прегледи

Палестинската милитантна група Хамас денеска објави дека го смета и претседателот на САД, Џозеф Бајден, одговорен за упадот на израелската армија (ИДФ) во медицинскиот комплекс Ал Шифа.

Хамас рече дека извештајот на американското разузнавање во вторникот, кој го поддржува заклучокот на Израел дека неговите милитанти извршуваат операции во Ал Шифа, всушност бил „зелено светло“ за упадот на ИДФ, објави „Ројтерс“.

Хамас претходно ги отфрли американските и израелските тврдења дека ја користи најголемата болница во Газа како свој команден центар.

„Фактот дека Белата куќа и Пентагон усвоија лажна (израелска) приказна, тврдејќи дека движењето на отпорот го користи медицинскиот комплекс Ал Шифа за воени цели, беше зелено светло за окупаторот да изврши повеќе масакри врз цивили“, наведе Хамас.

Хамас исто така ги повика Обединетите нации да формираат меѓународен комитет кој ќе ги проверува сите болници „со цел да се разоткрие лагата што е дел од наративот на окупаторот и неговиот сојузник Вашингтон“.

Израелската армија (ИДФ) потврди дека нејзините војници извршиле операција против Хамас во најголемата болница во Газа, Ал Шифа.

Белата куќа претходно соопшти дека има докази дека Хамас ја користи болницата Ал Шифа за своите воени операции.

„Имаме информации кои потврдуваат дека Хамас ја користи таа конкретна болница за команда и евентуално складирање оружје“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби.

Слични содржини