Портпаролот на Хамас, во екот на борбите во јужниот дел на Појасот Газа, издаде предупредување дека може да бидат загрозени животите на израелските заложници. Во исто време, некои жители на Газа им порачаа на западните новинари дека се уморни од војната и дека сакаат членовите на Хамас да се предадат, за да заврши се.
Во телевизиска изјава, портпаролот на Хамас рече дека Израел нема да ги добие живи своите затвореници без размена и преговори и исполнување на барањата, пренесува агенцијата „Франс прес“.
Израел вели дека 137 заложници се уште се држат во Газа, додека активистите велат дека околу 7.000 Палестинци се во израелските затвори.
Катар продолжува да посредува во обидот да ослободи повеќе заложници – но премиерот на земјата, шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани, вели дека „за жал, не постои иста подготвеност како што беше во претходните недели“.
Луѓето во Газа го обвинуваат Хамас за војната?
Ширум Газа владее неподнослива ситуација. Повеќето од зградите беа уништени во израелските напади, повеќе од еден милион цивили беа протерани од своите домови и сместени во неколку таканаречени безбедни зони (кои всушност не се) кои немаат инфраструктура и услови за сместување на толку голем број луѓе.
Во исто време, болниците се преполни и едвај функционираат без доволно ресурси, а бројот на загинати Палестинци рапидно се зголемува од ден на ден. Според Хамас, станува збор за повеќе од 14.000 луѓе.
Многумина во Газа се вознемирени поради се и се чини дека сега не го обвинуваат само Израел, туку и лидерот на военото крило на Хамас во Газа, Јахја Синвар.
„Доста е, уморни сме. Ниту еден здив не остана во мене. Какво решение, за што зборуваат? Само откажете се и предадете се! Ова е чин на идиот! Синвар предизвика смрт на сопствениот народ, го уби својот народ“, извикал пред камерите маж во Газа, пишува Sky News.