Израел го намали од 1.400 на 1.200 бројот на загинати во нападот што Хамас го изврши на негова територија на 7 октомври, откако идентификуваше некои тела како членови на палестинското исламистичко движење, изјави денеска портпаролот на израелското министерство за надворешни работи.
Израелските власти го објавија билансот бидејќи веруваат дека „многу од телата кои не се идентификувани“ се на луѓе кои учествувале „во терористичкиот напад на Хамас, а не на израелски жртви“, рече портпаролот Лиор Хајат.
Така, министерството во денешното соопштение наведува дека на денот на нападот на палестинскиот исламистички Хамас на 7 октомври загинале 1.200 луѓе, главно цивили. Тој напад ја поттикна војната и нападите на Израел врз Газа, каде што Хамас е на власт.
„Терористите на Хамас ладнокрвно убија околу 1.200 луѓе и киднапираа 240 луѓе, меѓу кои бебиња, деца, жени и постари лица“, се вели во соопштението.
Хајат ја потврди таа бројка на прашањето на „Франс прес“.
Од нападот на 7 октомври, од размери и насилство невидено од основањето на Израел во 1948 година, израелските власти ја извршуваат сложената задача да ги идентификуваат телата пронајдени на различни локации во јужен Израел.
Претходниот биланс од 1.400 беше утврден постепено во неделата по нападот и до сега не беше променет.
Израел повеќе од еден месец води војна за „искоренување“ на Хамас. Во непрестајното израелско бомбардирање на Појасот Газа загинаа повеќе од 11.000 луѓе на палестинска територија, главно цивили, според министерството за здравство на Хамас.