Официјалниот претставник на палестинската милитантна група Хамас, Изат Ел Решик денеска изјави дека се невистинити информациите во кои се наведува дека се отвора граничниот премин Рафах кон Египет, како и дека не е точно дека е договорен привремен прекин на огнот со израелските сили.
Египетските безбедносни извори претходно за „Ројтерс“ потврдија дека е постигнат договор денеска да се отвори граничниот премин Рафах за да се овозможи испорака на хуманитарна помош за Појасот Газа.
Повикувајќи се на два египетски безбедносни извора, британската агенција претходно денеска објави дека Египет, Израел и Соединетите Американски Држави постигнале договор за прекин на огнот во јужниот дел на Газа со почеток во осум часот по средноевропско време (девет часот по локално време), што треба да се совпадне со отворањето на граничниот премин Рафа меѓу Газа и Египет.
Египетските безбедносни извори соопштија дека прекинот на огнот ќе трае неколку часа, но не прецизираа колку долго.
Отворањето на граничниот премин Рафа ќе овозможи испорака на хуманитарна помош за палестинското население во Појасот Газа и евакуација на странски државјани од таа палестинска енклава.